Српски Блиц го гледа Хојт Ји како босански амбасадор
Објавено во: Балкан 09 Јануари, 2018
Српскиот весник Блиц исто така тврди дека има информации за иднината на кариерата на американскиот дипломат Брајан Хојт Ји според чии извори тој ќе биде нов амбасадор на БиХ, а не на Македонија како што првично се шпекулираше. Српскиот државен врв нема најтопли односи со Брајан Хојт Ји кој ги пренесува тешките пораки од САД при што еднаш јасно побара од Вучиќ да се определи дали Србија е со западот и Европа или пак е со Москва, особено во период на засилена американско-руска конфронтација.
Изворот на „Блиц“, како што јавува Танјуг, лично слушнал во Скопје за можна промена на планот од страна на Вашингтон.
Сепак, се уште станува збор само за шпекулации, бидејќи мандатот на актуелниот американски амбасадор во Скопје, Џес Бејли трае до ова лето, па до тогаш и официјално ќе биде познато каде ќе биде поставен Ји, додава „Блиц“, оценувајќи дека евентуалното негово именување в Сараево би имало многу поголемо влијание на односите со Србија поради релациите Белград -Бања Лука.
Хојт Ји во моментот е заменик-помошник на американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања.