14 Декември, 2019
0.0280

СТИГНАА ПРВИТЕ КРИТИКИ ОД ММФ - за прогресивниот данок, пензиите, минималната плата...

Објавено во: Финансии 18 Ноември, 2019

Стигнаа првите критики до Владата од Меѓународниот монетарен фонд, иако искажани во дипломатски манир. 

Напуштањето на прогресиовниот данок и зголемувањето на платите во администрацијата и на пензиите, што се планира од идната година би можеле да ги поткопаат неодамнешните придобивки што беа направени во делот на фискалните политики. 

Забелешки има и за зголемувањето на минималната плата, од ММФ велат нема значајно да ја намали сиромаштијата, бидејќи таа е кај невработените, а може да го намали формалнотои вработување. 

За мерката МојДДВ се вели дека ќе ги зголеми трошоците.

Ова суптилно го укажува Меѓународниот монетарен фонд, во своите заклучоци по посетата на нивната Мисија на нашата држава, каде имаа средби со домашните власти. 

Што конкретно кажаа ММФ?

„Со силна посветеност, властите повторно го оживеаја моментумот на реформи во последниве години. Клучните институционални реформи, како и оние од областа на управувањето, ја покажаа нивната посветеност за справување со долгорочните предизвици. Уште повеќе, зајакнати се рамките за пензиски и социјални трошења, додека оданочувањето беше направено поправично, со што се подобрува одржливоста на јавните финансии. Со овие активности, властите стекнаа значителен кредибилитет на политиките и економијата повторно се опорави“, велат монетарците. 

Но, потоа додаваат дека од суштинско значење е да се остане на патот на реформата со цел дополнително да се зајакне отпорноста на економијата на шокови и трајно да се зголеми нивото на приходите. Ова ќе помогне во одржувањето на кредибилитетот на политиките. 

Мисијата на ММФ препорачува да се искористи овој период на солиден раст за да се обнови фискалниот простор, со цел да се зајакне способноста на економијата да се справува со идни шокови. 

„Во овој контекст, плановите за модифицирање на елементи од неодамнешните фискални реформи би можеле да поткопаат некои од придобивките кои веќе биле остварени. Одејќи напред, зголемувањето на поголемата еднаквост на приходите и подобрувањето на животниот стандард ќе бара микс од фискална политика која е насочена кон раст и непоколеблива посветеност кон амбициозната агенда за структурни реформи“, децидни се од Фондот. .

Велат дека по долготрајната политичка криза, економијата влезе во период на солиден раст и стабилност. По привременото забавување во 2017 година, растот повторно се опорави во 2018 година и се очекува дополнително да се зајакнува во текот на оваа година, придвижуван од силната домашна побарувачка и солидниот раст на извозот, и покрај забавувањето на меѓународната трговија. Кредитната активност се зголеми , вклучително и кредитите наменети за компаниите, а инфлацијата остана на ниско ниво. Невработеноста, иако и понатаму висока, покажува одржливо намалување, поддржано од значителното креирање на нови работни места.

„Растот се очекува да се забрза до 3,4 отсто во 2020 година, што е одраз на привременото поттикнување од Буџетот за 2020 година и на повисоките плати. Пониските даноци и повисоките пензии и плати (вклучително и во јавниот сектор и минималните плати) се очекува да бидат дополнителен, иако еднократен, стимул за потрошувачката. Растот на извозот и инвестициите ќе остане солиден, иако ќе забаваи, што е одраз на слабиот раст кај трговските партнери. Ова забавување би можело да стане поизразено доколку се влошат трговските тензии на глобално ниво или доколку се одложат инвестициските планови поради неизвесноста во текот на изборниот период“, велат од ММФ.

Реформите за адресирање на клучните институционални и слабостите на пазарот на труд ќе помогнат во подигнување на среднорочниот раст и забрзување на изедначувањето на приходите. 

„Иако во последниве две децении растот беше солиден, истиот не беше доволен за да може значително да го стесни големиот јаз во доходот меѓу ЕУ и Северна Македонија. За да се забрза изедначувањето на приходите, од суштинска важност е да се продолжи со реформите за подобрување на јавната администрација, владеењето на правото и контролата врз корупцијата. Ова би требало да се надополни со напори во насока на создавање физички капитал, со оглед на инфраструктурните јазови, како и за зајакнување на човечкиот капитал со цел адресирање на недостатокот и несоодветноста на вештините, вклучително и преку стручно образование и обука и поголемо користење на активни политики на пазарот на труд со кои се подобруваат вештините. Повисоките нивоа на приходи, подобрите можности за вработување и посилните институции веројатно е дека исто така ќе помогнат да се задржат вештите работници во државата“, велат од ММФ.

Предвидено е минималната плата да се зголемува брзо, во споредба со продуктивноста на трудот. 

„Нето минималната плата кумулативно ќе се зголеми за 45 отсто, сметано од 2017 година. Таа ќе порасне до над 50 отсто од просечната плата, што е високо според регионалните стандарди. Повисока минимална плата може да помогне во намалувањето на сиромаштијата кај вработеюпе. Сепак, застапеноста на сиромаштијата е многу поголема кај оние кои се невработени. Поради тоа, зголемувањето на минималната плата можеби нема да биде ефективно во намалувањето на сиромаштијата, особено доколку тоа делува кон намалување на формалното вработување. Мисијата на ММФ препорача да се зачува конкурентноста преку тесно усогласување на минималната плата со продуктивноста, притоа осигурувајќи целосно спроведување“, велат од ММФ.

Тимот на ММФ очекува фискалната позиција во 2020 година да биде порелаксирана. На страната на трошењето, предлог Буџетот за 2020 година предвидува дополнително зголемување на пензиските надоместоци кое е поврзано со растот на платите, преку менување на CPI индексацијата усвоена во 2018 година. 

„Веќе имплементираната мерка за поврат на ДДВ („Мој ДДВ") - наменета за подобрување на наплатата на приходите ќе придонесе за зголемување на трошоците. Предложеното одложување на прогресивниот персонален данок на доход и данокот на капитални добивки ќе го забави растот на приходите. Истовремено, повисоките придонеси за социјално осигурување ќе генерираат дополнителни приходи. Прелиминарно, тимот проектира фискалниот дефицит да се прошири до 2,5 отсто од БДП во 2020 година, од сегашните 1,8 проценти во 2019 година“, велат од ММФ.

Имајќи го предвид солидниот раст, мисијата препорачува повторно да се изгради простор за фискална политика. 

„Кумулативното консолидирање за 1,5 отсто од БДП во периодот 2020-2022, во споредба со основните проекции на мисијата, би довело до врамнотежено примарно буџетско салдо и ќе осигура простор за фискалната политика да реагира во случај на пад на економијата. Консолидацијата би требало да се оствари преку стабилна имплементација на веќе одобрените реформи кај пензиите и персоналниот данок на доход, како и подобреното управување со приходите и рационализацијата на земјоделските субвенции. Овие мерки исто така ќе отворат простор во Буџетот за зголемување на капиталните расходи колку што е потребно, со цел да се намали инвестицискиот јаз“, велат од ММФ.

Пренасочувањето на јавното трошење кон инвестициите би ги зајакнало изгледите за среднорочен раст. Предложеното зголемување на тековните трошења веројатно ќе го намами обемот на суштинските јавни инвестиции. 

„Имајќи ги предвид големите потреби од инвестиции на државата, мисијата препорача да се направи пренасочување на јавното трошење кон инвестициите. Ова би требало да биде поткрепено со мерки за зајакнување на рамката за управување со јавните инвестиции, вклучително и подобро дефинирање на приоритетите и справување со тесните грла при извршувањето на планираните проекти. За да се обезбеди заштита од фискални ризици кои произлегуваат од јавно-приватни партнерства, мисијата препорача да се почека со одобрување на нови проекти додека не биде воспоставана зајакната рамка“, велат од ММФ.

Реформите со цел справување со неформалниот сектор ќе помогнат во подобрување на деловната клима и ќе ги заштитат работниците, а исто така ќе имаат и потенцијално големи придобивки во смисла на приходи. Ова прашање е високо на агендата на Владата. Неформалната економија е штетна затоа што формалните бизниси се соочуваат со нелојана конкуренција од страна на оние кои не плаќаат даноци или не се усогласени со регулативите. Работнищпе во неформалниот сектор се лишени од многу од работничките права, а јавните ресурси се намалени. Приоритет треба да биде зајакнување на ефикасноста на управување со приходите како и на правната усогласеност, во комбинација со мерки со кои се зголемува довербата на јавноста во институциите и се јакне даночниот морал“, децидни се од ММФ.

( Н.Н.Ф.)



Можеби ќе ве интересира

Царовска и Ангеловска возвратија на пораките од Светска банка - нема потреба од загриженост

Царовска и Ангеловска возвратија на пораките од Светска банка - нема потреба од загриженост

(ФОТО) Со два факултети му е супер во Швајцарија, но ќе се врати во својата земја

(ФОТО) Со два факултети му е супер во Швајцарија, но ќе се врати во својата земја

Комерцијална банка потврди дека пропаднале разговорите со Еуростандард

Комерцијална банка потврди дека пропаднале разговорите со Еуростандард

Екс директорот на УЈП, Горан Трајковски, доаѓа на кормилото на Еуростандард банка

Екс директорот на УЈП, Горан Трајковски, доаѓа на кормилото на Еуростандард банка

За прв пат во историјата: Домашни банки ја „спасуваат“ Македонија со 135 милиони евра

За прв пат во историјата: Домашни банки ја „спасуваат“ Македонија со 135 милиони евра

Ампева за регресот: Газдите возат џипови, но пријавуваат загуби за да исплатат минимален К15

Ампева за регресот: Газдите возат џипови, но пријавуваат загуби за да исплатат минимален К15

КАКО ЌЕ СЕ ПОКАЖАТ ДОМАШНИТЕ ГАЗДИ - ќе дадат минимален или максимален К 15

КАКО ЌЕ СЕ ПОКАЖАТ ДОМАШНИТЕ ГАЗДИ - ќе дадат минимален или максимален К 15

ММФ останува без клиенти?

ММФ останува без клиенти?

Аргир: Наградата за најдобра банка ја посветувам на Љубе Раевски

Аргир: Наградата за најдобра банка ја посветувам на Љубе Раевски