Добивај вести на Viber
Непредвидливите настани кои се случуваат во економијата потпаѓаат под категоријата ризици за кој финансискиот инжињеринг обезбедува механизми за нивно намалување. Несреќи, со големи штети, и материјални и човечки, имало и ќе ги има. Еден од таквите настани, поплавите, пред само две- три недели не потсетија на нивната сила и последиците со кои се соочуваме после нивното заминување. Како сведоци на ваквата временска непогода се глетките од опустошените ниви и покуќнината чии сопственици се‘уште се обидуваат да ја исушат на пролетното сонце. Се разбира до следната нова поплава..., и така се‘ до недоглед.
Она што мене ми остава впечаток е дека после ваквите немили настани, кои немора да бидат предизвикани само од поплавни туки и од суши, пожари и други несреќи, државата секогаш „ги засукува ракавите“, излегува на терен, ги констатира направените штети и донесува одлука за исплата на обештетување на погодените. И секогаш како по правило, засегнатите се незадоволни од исплатеното обештетување укажувајќи дека претрпeле многу поголеми последици од констаираните, со посебна нагласка дека се уништети можностите за заработка и отплата на долговите со кои го финансирале производството, и сето тоа во очекување на уште подарежливо отворање на „касата на државата“ . Но, и таа, државната каса не е каса без дно. Проблем настанува кога овој факт треба да им се објасни на директно засегнатите, односно дека државата не е осигурителна компанија, а државниот буџет не е место од кое треба да се очекува исплата на премиите за осигурување .
Јасно е дека поединецот не може сам да се заштити од несреќите, државата е тука да помогне, но доколку се сака повеќе, тука се осигурителните компании и полисите. Впрочем, за тоа постои пазарен механизам, место на кое се вкрстуваат интересите на осигурениците и осигурувачите, место на кое се договара степенот на покривање на ризикот и цената за исплата не неговото покривање. Или, со оглед на тоа што опасностите од временски непогоди и од други причинители на штети на приватните имоти се постојано присутни, пазарните економии одамна го развија осигурувањето како начин да ги ублажуваат последиците од несаканите катастрофи. Врз нивното постоење се развива осигурителната индустрија и таа во голема мерка ја редуцира улогата на државата во надоместување на штетите. Механизмот е едноставен. Во годините кога нема несреќни појави производителите и граѓаните, кои сакат да ги заштитат своите приходи и имоти од можни штети, издвојуваат дел од остварените добивки и приходи кои се концентрираат во осигурителните друштва, а во годините кога ќе дојде до определени штети, со нив, според договорени услови, се обесшетуваат осигурениците.
Во осигурителната индустрија во земјава работаат повеќе осигурителни друштва, од кои 11 вршат работи од неживотно осигурување и 5 осигурување на живот. Постои осигурување од незгоди, осигурување на моторни возила и пловни објекти, карго осигурување, осигурување на имот од пожар и други опасности, осигурување на гаранции, осигурување од финансиски загуби и тн. Правните и физичките лица имаат системска можност да ги намалат ризиците во своето работење и живеење. Само треба да ги искористат можностите. А тоа значи да се откажат од филозофијата кога им оди добро да сметаат дека тие се заслужни за успехот, а кога ќе ги задеси несреќа за тоа е виновна државата. За несреќа, ваквата свест се‘уште превладува. Имено, издвојувањата за сите видови осигурување во домашната национална економија се околу 1.5% од бруто домашниот производ, додека во земјите на европската унија овој процент изнесува 8%.
Поголемиот износ на средства издвоени за осигурување се врз основа на задилжително осигурување. Се зголемува и доброволното осигурување, но не со динамика која би била израз на повисока свест за обезбедување на поголема сигурност во работењето и живеењето. Запрепастувачки е колку е мал интересот на земјоделците за заштита на нивните посеви, насади и други имоти, а се меѓу најранливиот слој од населението. Тие досега не покажаа интерес самите да си помогнат да избегнат несакани последици од временски непогоди и други штети на производството и на имотот. Од 100 илјади регистрирани земјоделци само околу 1500 ги осигурале своите посеви и насади. И тоа во услови кога државата субвенционира 60% од цената на осигурувањето. Со ваквата мерка веќе не би требало недоволниот интерес за осигурување да се правда со високите износи на полисираните премии. Тогаш што е тоа што земјоделците ги одвраќа самите да си ја определуваат својата иднина преку осигурувањето од штети по разни основи?
Можни се различни одговори на ова прашање. Меѓутоа, со поголема специфична тежина е искуството на безпоговорно притекнување на државна помош кога ќе се случат несакани штети. Со тоа се стимулираат лоши навики. Ако тоа се прави постојано, се тапи интересот за пазарните механизми на осигурување , односно се намалува ефикасноста на пазарот.
Аргументите дека земјоделското население нема пари да ја плати премијата однапред, дека осигурителните компании не се заинтересирани да осигуруваат земјоделски парцели, или дека земјоделците во најголем процент доаѓат од руралните средини се аргументи кој само ја надополнуваат тезата дека проблемот е во ефикасноста на пазарот, за што повторно како фактор кој неможе да се амнестира со дел од вината се јавува државата, која стимулирајќи лоши навики недозволува директно засегнатите страни да го најдат својот интерес. Таа не треба да надоместува штети, таа треба да создаде услови земјоделците да можат да заработат средства да ја платат полисата однапред, да создаде услови осигурителните компании како што е насекаде во светот да го најдат својот интерес да осигуруваат земјоделски парцели, затоа што не само во Македонија земјоделците доаѓаат од руралните средини и не само во Мекедонија полисите се плаќаат однапред. Ваквата неповолна врска мора да се прекине. Затоа што претераната грижа на државата веќе се претвора во негрижа на згрижените. А тоа не е во интерес ниту на едните ниту на другите.
Д-р Крсте Шајноски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.