Стружани направија „депонија“ пред општинската зграда од револт
Објавено во: Македонија 06 Јули, 2017
Револтирани Стружани решија со герила акција да предизвикаат надлежните власти посериозно да се фатат со надминување на проблемот со депонијата покрај градот која создава огромни еколошки проблеми. Затоа истурија ѓубре пред влезот на зградата на општина Струга.
– Ако не се дислоцира депонијата и не се реши овој проблем во најскоро време, ќе превземеме порадикални мерки. Ќе излеземе на нови протести и ќе ги блокираме патиштата, посочуваат револтираните Стружани.
Жителите на Струга веќе со години бараат решение за проблемот со дивата депонија, но револтот стана посилен откако истата беше опожарена и оставена да гори со денови. Депонијата се наоѓа на само 500 метри од градот.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на 22-ри минатиот месец најави дека се разгледуваат сериозни можности во наредниот период струшката депонија да биде дислоцирана и дека во најкус можен рок ќе се најде решение за проблемот.