Тачи: Косово ќе има своја армија и тоа никој нема да го спречи
Објавено во: Балкан 05 Јуни, 2017
Косовскиот претседател Хашим Тачи не се откажува од идејата Косово уште годинава формира своја армија без оглед што претходно ставот беше ревидиран и се чекаше на одобрение од САД и меѓународната заедница.
– Вооружените сили на Косово ќе се формираат во текот на оваа година, во координиран процес со НАТО и другите меѓународни партнери. Ќе биде сила според стандардите на НАТО. Мултиетничка сила. Ќе биде вистинска армија на една независна и суверена држава,изјави Тачи за косовската телевизија.
Ќе работиме, додава тој, и на кампањата која е веќе почната, за вклучување на сите етнички заедници во редовите на идната армија на Косово, како предуслов за партнерство и членство во НАТО.
– Армијата ќе ја формираме годинава и никој не може да го спречи тоа, ниту некој внатрешен, ниту надворешен фактор. Тоа е волјата на граѓаните на Косово. Тоа е одлука на институциите на Косово за формирање вооружени сили на Косово, посочува Тачи.
Трансформацијата на безбедносните сили во армија на Косово треба да се случи со измени во Уставот, за што треба да се обезбеди двотретинско мнозинство од 120-члениот косовски парламент, како и гласовите на пратеничката група на српската етничка заедница.