Тадиќ: Да се спушти топката и да се остави Македонија сама да ги регулира односите
Објавено во: Балкан 03 Мај, 2017
Лидерот на Социјалдемократската партија на Србија, Борис Тадиќ, денеска изјави дека Македонија треба да се остави сама да ги регулира своите односи и дека во овој момент треба „да се спушти топката“ затоа што во спротивно последиците би можеле да бидат катастрофални.
Постојат тензии помеѓу поединечни политичари од Македонија и од Србија – размена на крошеа, боксерски речник, смета Тадиќ.
„Мислам дека тоа е многу погрешно и спротивно на нашите заеднички интереси. Треба да се спушти топката и да се остави Македонија сама да ги регулира своите односи. Секое мешање и секој негативен или погрешен гест на соседните држави би можел да биде катастрофален, имајќи ја предвид запаливоста на моменталната ситуација“ – вели Тадиќ.
Поранешниот претседател на Србија вели дека ситуацијата во регионот е опасна и дека особено внимание предизвикува тоа што ЕУ веќе не е толку силна и што нејзините институции се доведени во прашање.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави за српски Курир дека во Србија на власт се националистички политичари, на што одговор му даде српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ кој праша зошто не ги напаѓа албанскиот премиер, Еди Рама и косовскиот претседател, Хашим Тачи, туку го критикува српскиот политичар Александар Вучиќ.