Тајани: Изборите во Велика Британија покажаа дека времето на популизмот заврши
Објавено во: Свет 10 Јуни, 2017
Времето на популизмот е завршено, а доказ за тоа се резултатите од парламентарните избори во Велика Британија, вели претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани.
Смета дека ако пораките не се реализираат, тогаш се јавува разочарување.
„Избирачите забележаа дека Брисел не може да биде виновен за сè. Изборите во Велика Британија покажаа дека времето на популизмот заврши. Тоа се случи и во Франција, Австрија и Холандија“ - изјави Тајани во интервју за италијанскиот весник „Кориера дела сера“.
Објаснува дека загубата на парламентарното мнозинство од премиерката на Британија, Тереза Меј покажува дека преговорите за излез на Лондон од ЕУ нема да бидат толку тешки. Смета дека перспективата за т.н. „тврд Брегзит“ е блокирана.
„Важно е во Британија да има силна влада, со која ЕУ ќе води отворен дијалог, а имајќи го тоа предвид Лондон да остане важен партнер за решавање на клучни проблеми, како на пример миграцијата и борбата против тероризмот“- нагласи Тајани.
За него најважен услов во преговорите ќе биде да се гарантираат правата на Европејците во Велика Британија, откако таа ќе ја напушти ЕУ.