ТЕШКО БОЛНИ, БРЕМЕНИ, СО МАЛИ ДЕЦА, СТАРИ ЛИЦА - еве кој ќе може да лежи затвор од дома, со алка на ногата
Објавено во: Македонија 28 Јули, 2024
По десет години од нивната набавка, електричните алки за домашен затвор конечно ќе бидат ставени во функција, изјави директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, во интервју за ТВ21.
„За некои два месеци, конечно, после 10 години ќе ги ставиме во функција алките кои што во огромен број на европски земји и САД функционираат“, рече Пандов.
„Главен таргет кој првично ќе се растерети се стари лица, тешко болни со малигни заболувања, тешки облици на болест и бремени жени и со мали деца. Тие веднаш би можеле да бидат во куќен затвор“, објасни Пандов.
„Алката се става на нога, има дел каде што се става СИМ картичка и параметар од некои 20-30 метри за движење. Ќе има контролна соба, ќе има вработени таму, ако се оддалечи затвореникот од тој периметар, веднаш сигнализира во Управата и на тој уред кој ќе биде ставен во неговиот дом има слушалка, службеникот му врти, ако не се јави, следно јавување е во МВР дека тој човек е во бегство“, додаде Пандов.
Законот за пробација предвидува можности сторителите на полесни кривични дела и лица кои одложиле половина од казната да се ресоцијализираат преку вештини и знаења, директно вклучувајќи се во заедницата. За тоа е неопходно да се отворат пробациски канцеларии во државата.