01 Декември, 2024
0.0253

Уставниот суд во одбрана на правната држава

Објавено во: Колумни 26 Јули, 2024

Добивај вести на Viber

Долгогодишниот адвокат Ѓорѓи Андов, кој сега е во пензија смета дека Уставниот суд правилно постапи со одлуката да поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи, бидејќи на тој начин не само што ќе се одбрани Уставот, туку ќе се одбрани и правната држава.

По повод донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи(‘’Сл.весник на РСМ’’ бр.154/23) од 20.07.2023 година, каде во член 2 став 3 е регулирано:

„Застареноста на правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган прекинува со поднесување барање за извршување пред надлежен извршител, при што почнува да тече одновo застареноста, која во извршената постапка трае десет години од моментот на поднесеното барање за извршување.

Еден наш врвен експерт по уставно право кој своевремено беше централен столб на Правниот факултет Скопје, изјавил:

ОВА Е АТЕНТАТ ИЗВРШЕН ВРЗ ПРАВНИОТ СИСТЕМ НА ДРЖАВАТА!

Прво се поставува прашањето како може да застаруваат побарувањата кои се во извршување (присилно), дали со тоа не се предизвикуваат уривања на пазарот и на стоковно паричните односи, уривање на стабилноста на економскиот систем, предизвикување огромни штети на доверителите наспроти огромните користи на должниците и создавање на две категории граѓани и правни лица, односно привилегирани должници и оштетени доверители.

Со ова однесување на законодавачот се уриваат темелните вредности на уставниот поредок на земјата од членот 8 од Уставот, како што се владеењето на правото и правната заштита на сопственоста од третата и шестата алинеа на наведениот член 8 од Уставот.Ако се направи по суштинска анализа на цитираниот член  2 став 3 од предметниот Закон  се доаѓа до заклучок дека прекинот на застареноста и текот на застареноста течат заедно во исто време, што како факт не може да го прими ниту еден правен стручњак.

Ако настане прекин на застареноста поради почеток на присилно извршување тогаш застареноста престанува да тече за да можат да се преземат извршни дејствија кои во праксата се многу комплицирани и за нив е потребно време за да се постигне целта, всушност тоа е и оправданоста и законската дефиниција на прекинот на застареноста.

Ако застареноста тече, тоа значи не настанал прекин, иако започнало присилно извршување или настанал прекин кој траел 10 минути од моментот кога доверителот го предал барањето за извршување на надлежниот извршител заедно со извршната исправа, колку време е потребно барањето да се заведе под број и датум на приемот, и потоа после тие формалности од десетина минути или помалку, застареноста почнува одновo да тече и трае десет години од моментот на поднесеното барање за извршување.

Ќе повторам, прекинот на застареност и текот на застареноста се два целосно различни правни институти и никогаш не одат заедно во исто време.

Се поставува прашањето како може предметниот закон да се применува ретроактивно кога членот 52 став 4 од Уставот регулира:

„Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поволно за граѓаните.“

Па, каде е образложението на законодавачот дека повратното дејство на овој закон е поповолно за граѓаните и како законодавачот ги прашал граѓаните  за поволноста, дали преку референдум.

Во членот 1 став 2 од предметниот закон е регулирано:

„Кога износот на достасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне  износот на главнината, каматата престанува да тече.“

Најчестиот вид на извршни исправи на извршителите се судските пресуди каде, ако се во прашање парични обврски, судот, покрај главнината, пресудува и казнена камата сметано, на пример, од денот на поднесувањето на тужбата ДО КОНЕЧНАТА ИСПЛАТА.

Сега со повратното дејство на предметниот закон ќе се менуваат и судските пресуди во однос на казнената камата која кога ќе го достигне износот на главнината  ќе престане да тече, што значи нема казнена камата ДО КОНЕЧНАТА ИСПЛАТА.

Член 13 став 3 од Законот за судовите регулира:

„Судската одлука може да ја менува или укинува само надлежен суд во постапка пропишана со закон.“

Од ова произлегува дека предметниот закон не е усогласен со Законот за судовите.

Ѓорѓи Андов, адвокат

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.