01 Декември, 2024
0.0255

Зеленски тропна на вратата на Трамп

Објавено во: Колумни 22 Јули, 2024

Добивај вести на Viber

Амерка во шок. Таков беше вчера впечатокот по најавеното откажување на претседателот, Џо Бајден, од намерата да учествува во изборите за нов мандат. Него го содзадоа американските влијателни медиуми. CNN на пример. Демократите во дебатите жалеа за таа одлука, но потоа веднаш премина во величењето на Камала Харис, потпретседателката, која е адутот на Бајден во играта за нов претседател со Доналд Трамп. Бајден не ги кажа причините за повлекувањето, но во соопштението вели дека не се откажува претседателската функција. Републиканците го притискаат и за таков чекор.

Од денес и во наредните денови може да очекуваме Бајден да се јави во живо и да ги каже причините за неговата одлука. И да им даде одговор на републиканците. Да им каже дека има мандат до инаугурацијата на новиот претседател, во јануари идната година. Многу битно е што се’ тој ќе направи во останатите месеци од неговиот мандат. Тој е под контрола на Конгресот, но сепак има овластувања кои не бараат согласност од Долниот и од Горниот дом на Конгресот. А има многу работа. Најавена е посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кому Бајден му е лут за она што се случува во Газа, иако непрекинато САД го снабдуваат Изарел со оружје. Не помалку битно прашање на надворешен план е војната во Украина, ситуацијата околу Тајван...Дали би повлекол Бајден некој радикален потез околу се’ ова? Овде како пример можеме да го земеме претседателот Барак Обама, кој на заминување воведе куп санкции против Русија.  

Колку и да е шок за демократска Америка потегот на Бајден, толку и не е за многумина далеку од Вашингтон, но и во САД. За повлекување на Бајден се зборуваше со месеци, а капак беше неговата дебата во јуни со Трамп. Оттогаш наваму како лавина се тркалаа изјави, ставови, желби, напади поврзани со неговата здравствена состојба и можноста да оди на втор мандат или да ја води државата. Во меѓувреме почнаа престројувањата. Дури и поединци од Силиконската долина, кои го напаѓале Трамп во минатото, веќе отворено застанале на негова страна.

Еден од тие кои се обиде да се престрои е украинскиот претседател, Владимир Зеленски. Вројатно, причина за сомнеж во способноста на Бајден беше средбата по НАТО самитот на која американскиот претседател го претстави  “херојот“ Владимир Путин, а до него стоеше Владимир Зеленски. Или, пак, веднаш потоа, кога Бајден го спомна „потпретседателот“, Доналд Трамп, наместо Камала Харис. И дојде поводот Зеленски да тропне на вратата на Трамп. Обидот за атентат. Зеленски му испрати поддршка, а тогаш е договорено да има и телефонски разговор меѓу нив. Што секако е успех на украинската дипломатија. CNN најави дека во петокот ќе има разговор меѓу Трамп и Зеленски. 

ЧЕСЕН МИР

И навистина во петокот од двете страни на Атлантикот беше објавено дека имало телефонски разговор меѓу Трамп и Зеленски. Разговорот се покажа како подипломатски, во вообичаената смисла на зборот: Зеленски му честиташе на Трамп за неговата официјална номинација за републикански претседателски кандидат. Тој го нарекол Трамп – претседател. Украинскиот претседател забележа дека тие се договориле за лична средба на која би се разгледале „чекори кои можат мирот да го направат чесен и вистински долготраен“. И од кабинетот на Зеленски потврдија дека веќе се работи на термините за ваква средба, а можно е да биде во Украина. Во пишаната изјава Доналд Трамп, пак, вели „го ценам обраќањето на претседателот Зеленски, затоа што јас, како иден претседател на САД ќе донесеам мир и ќе ставам крај на војната, која чинеше многу животи. Двете страни можат да седнат заедно и да се договорат за зделка, која ќе стави крај на насилството и ќе го продолжи патот кон процут“.

Може ли да направи нешто Зеленски за да го одоброволи Трамп да го смени неговиот став кон војната во Украина? Доналд Трамп не еднаш има изјавено дека за 24 часа ќе ја сопре војната. Тој изјавуваше дека доста добро ги знае и Зеленски и претседателот на Русија, Владимир Путин, па затоа  брзо ќе го решел проблемот. Трамп зборуваше дека ќе и дозволи на Русија да земе дел од Украина и дека САД и даваат на Украина премногу оружје. Имаше изјава дека „Путин сакал мир, а сега очигледно ќе добие се’“. За Трамп, Путин е „многу умен човек“. Пролетва во Washington Post се пишуваше за план на Трамп за крај на војната во Украина, според кој, Украина би се откажала од Крим и Донбас во полза на Русија. Додека бил претседател Трамп, наводно, рекол дека Украина треба да биде дел од Русија. И завчера на предизборниот митинг во Мичиген. Трамп повтори дека уште пред да влезе во овалната соба, „веднаш кога ќе ги добиеме претседателските избори, јас ќе го решам тој ужасен воен конфликт меѓу Русија и Украина. Јас сум единствениот кој може да даде таква изјава и да спречам трета светска војна“

Очигледно на Зеленски работите не му одат како што посакува. Можеби верува во своите вештини, да ги омекнува соговорниците, што треба да се признае е голема работа, дека ќе успее тоа и со Трамп. Но ставовите не Трамп не се како на, да речеме, евроатлантските лидери, па да се најде заедничка нишка за заеднички став, за воена помош, за финансиска помош, за тоа дека во Украина се брани Европа и САД. Трамп и неговиот кандидат за потпретсеател Џеј ди Венс, имаат други ставови. На собирот во Мичиген, Венс повика „да не се вовлекува Америка во секој конфликт на другиот крај од Земјината топка“. „Понекогаш тоа, едноставно, не е наша работа и ние треба да стоиме понастрана. Нема ништо во тоа, освен здрава смисла“, рече сенаторот. Венс смета дека Украина не може да ја победи Русија, отфрлајќи ги можностите Русија да го нападне НАТО и го критикува Бајден  за тоа што не дозволи Киев и Москва да склучат мировен договор во Истанбул, според кој Русија била согласна во замена за неутрален статус на Украина да се повлече на линијата од пред 24 февруари, освен Донбас, чија судбина требаше да ја решат Путин и Зеленски.

СЕКНУВАЊЕ НА ИЗВОРОТ

Украинскиот претседател пред некој ден во интервју за BBC, изјави дека жешкиот стадиум на војната може да се реши до крајот на годинава. И дека сите територии на Украина не можат да видат вратени по воен пат. „Сметам дека ако бидеме обединети и одиме, на пример, по форматот на самитот за мир, можеме да го завршиме жешкиот стадиум на војната. Ние ќе се обидеме да го направиме тоа до крајот на годинава“, рече тој.  Тој смета дека војната може да заврши по дипломатски пат и дека сите територии нема да се враќаат со сила, туку со дипломатија. Тој се изјасни за учество на Русија на самитот за мир, кој Украинците сакаат да го одржат пред американските претседателски избори. За самитот би бил направен план, а ако Русија е подготвена да разговара за него, тогаш Украинците би разговарале со претставниците на Русија. Зеленски дури спомна дека би разговарал и со Путин. „Ако светот биде обединет околу Украина, ние ќе разговараме со оние кои решаваат се’ во Русија“, изјави Зеленски.

Овде треба да се каже дека токму украинскиот претседател издаде декрет со кој забрани водење преговори со Путин. Менувањето на тонот на неговите  изјави доволно зборува дека нешто се менува во приодот на Украинците. Тие до пред некој ден изјавуваа дека нема никакви преговори без повлекување на Русите на границите од 1991 година и други барања. Патем, Русија го отфрла учеството на ваквиот самит, но нагласува дека е подготвена за преговори со Украина.

Менувањето на украинскиот приод кон решавањето на конфликтот зборува  дека има вистина во тврдењата дека ситуацијата на фронтот е сложена за Украинците, а постои страв и од губењето на западната поддршка. Германија веќе ја намали помошта, а очите на Западот се свртени кон САД, дали и таму, кога ќе дојде Трамп, ќе секне изворот. Русите на фронтот напредуваат постепено, но стабилно. Украинците се принудени да се бранат, а не да подготвуваат некаква контраофанзива. Оттука и напорите на Зеленски да дојде до Трамп, да му каже дека е за преговори за „чесен мир“. На Запад дури и најголемите поддржувачи на Украина почнаа да сметаат дека без територијални загуби таа не ќе ја заврши војната. Но има и други кислења. Џон Болтон, бившиот советник на Трамп, за национална безбедност, смета дека Трамп ќе наптрави такви отстапки на Русија, кои „ќе бидат уривачки за Украина“.

ВЕТЕРОТ НА ПРОМЕНИТЕ

Ветерот на промените го зафати и поранешниот британски премиер Борис Џонсон. Тој, како од небо да е паднат, нуди свои решенија за мир во Украина. Некои нив ги нарекоа „трампов план за мир“. Џонсон напиша текст во петокот во Daily Mail во кој ја повикува Украина да е откаже од целта за излез на границите од 1991 година. Во суштина да склучи мировен договор со Русија. Џонсон вели дека тоа се негови ставови и се надева дека ќе ги прифати Трамп. Демек ќе го убедува Трамп. Џонсон пишува дека најдобра варијанта за Киев и за Западот  би било завршување на војната на границите од 24 февруари 2022 година, а потоа и членство на Украина во НАТО и во ЕУ. Притоа вооружените сили на Украина во НАТО би биле замена за американската армија во Европа. На тој начин би се намалил и товарот на САД во осигурувањето ан безбедноста во Европа. Што впрочем посакува и Трамп.

За да се притисне Русија да се повлече на линијата од 24 февруари, Џонсон предлага на Украина да и се испорача повеќе оружје и да се симнат сите ограничувања за негово користење. На Русија „како компензација“ би и се гарантирале правата на рускојазичното население и воспоставување односи со Западот како во времето на Г-8. А тоа подразбира и симнување на санкциите на Русија, никакви репарации за Украина, ниту демократски промени во Русија. Кога реков „како од небо да е паднат“, мислев на работењето на Џонсон во заострувањето на војната. Неговата улога во гинењето на стотици илјади војници на обете страни. Тој беше западниот емисар кој во март 2022 година дојде во Киев и наместо поддршка на предлогот за договор од Истанбул, со кој се гарантираше голем суверенитет на украинската територија, им понуди војна на Украинците.  Демек, ние ќе ве поддржуваме вие борете се. Ќе ги победиме Русите. Е тоа се вистинските политичари. Како ништо да не било, како да не знае ништо, седнал, напишал - како да се дојде до мир.

Ако украинската власт се согласи на некаква варијанта од предлогот на Џонсон, тогаш внатре во земјата со право ќе се постави прашањето за што се боревме? За што гинеа војниците? Ако со договорот од Истанбул ни се даваше државен суверенитет, тогаш зошто не го прифативме? Кој ќе одговара за стотиците илјади ранети и загинати? Прашањата, со право, ќе бидат испорачани до Зеленски и неговата околина. Нели Џонсон ветуваше воен пораз на Русија? А сега излегува дека тој нуди мировен договор со нови државни граници. А потоа со се’ друго. И НАТО и ЕУ. Првите реакции во Украина се дека на овој начин ќе се покаже дека „Путиновата денацификација на Украина била успешна“. Други, пак, велат дека предлозите од Џонсон се „нереално оптимистички“. Во реалноста условите за прекинот на војната за Украина би биле многу потешки.  И колку подолго се влече војната, се’ ќе  биде посурово за Украина. Се јавија и луѓе со барања за референдум за решавањето на прашањето за мир, под услов за губење територии. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко е еден од нив. Тоа своевремено го кажа и Зеленски.

„УСПЕХ НА УКРАИНА“

На новиот приод на Зеленски веројатно влијаат и расположенијата на луѓето во Украина, но и тешкотиите со мобилизацијата. А токму неа Западот ја посочува како клуч на успехот на Украина на воен план. Луѓето плаќаат да ја избегнат. Ги ловат на улици. Моралот во државата за спротивставување на Русија, кој на почетокот на војната беше многу висок е опаднат. Анкетите покажуваат дека речиси половина од украинските испитаници сметаат дека е дојдено време за мировни преговори. Речиси 44 проценти од нив се за мировни преговори, додека 35 проценти сметаат дека не е дојдено  време за нив. На прашањето под кои услови треба да заврши војната 51,5 се за враќање на границите од 1991 година. Речиси 26 проценти се за границите од февруари 2022 година. Дури 45 проценти од испитаниците се за губење на териториите во замена за членство во НАТО и ЕУ. А 26 проценти претпочитаат враќање на окупираните територии, но се согласни за демилитаризација, неутрален статус и неможност да се влезе во НАТО и ЕУ.

Сето погоре се факти кои произлегуваат од актуелната состојба на фронтот и во Украина, но и од претпоставката дека Трамп ќе биде новиот американски претседател. Во зависност од тоа кој ќе биде противкандидат, работите можат да одат во насока на сегашните поборници на поддршката на Украина. Џејмс О’Браен помошник на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија неодамна ја кажа „стратегијата за успех на Украина“. Таа е „да се сопре напредокот на Русија на истокот“. А за тоа е потребно западно оружје, кое ќе го спречи руското напредување...Па, Русија би се замислила дали би напредувала и натаму. Сега „успех на Украина“ е да ја задржи сегашната линија на фронтот. Но нема откажување од досегашната позиција на официјална Америка – Украина да ги врати своите граници од 1991 година. Сигурно таква ќе  биде политиката кон Украина доколку Трамп не стане претседател на САД.

Кога се зборува за мировни преговори мора да има и втора страна. Во случајов тоа е Русија. Во поглед на воспоставување мир работите сега се променети. Русите велат дека договорот од Истанбул е минато. Новиот мировен договор, на кој инсистира Русија, а не прекин на војната,  има потреба од нови содржини. Русија не е подготвена да разговара за границите од 2022 година.  Особено од причина што нејзината армија напредува на фронтот. Сега Путин во своите барања вклучува враќање на целите територии на четирите субјекти, кои во најголем дел се под руска контрола. Потоа неутрален и ненуклеарен статус на Украина, демилитаризација и денацификација, укинување на санкциите кон Русија. Згора на се’, Русија не сака да преговара со Зеленски, кого го сметаат за нелегитимен претседател.

Ова е програмата максимум на Путин. Во неа има делови за пазарење. На пример мировен договор со граници на сегашната линија на фронтот во замена за укинување на санкциите. Путин може и да се согласи со членство на „осакатена“ Украина во НАТО. Хенри Кисинџер, кој беше против членство на Украина во НАТО, подоцна го смени мислењето. Членството на Украина во НАТО би бил најголем гарант дека Украина нема да почне војна со Русија. Бидејќи НАТО е одбранбен сојуз, па Алијансата и САД, секако, ќе имаат поголема контрола врз однесувањето на нејзините членки. Да не се направи некоја провокација која во војна би ја внела целата Алијанса. Русија и така денес на својата граница го има НАТО. Калининград е обиколен со земји членки на НАТО. Финска од пред една година исто така стана членка на НАТО.

Се“ она што се случува во Украина и околу неа е некакво загревање на населението за преговори. Можеби не веднаш, но секако во догледен период. На пример, до крајот на годинава, како што посакува Зеленски.  До тогаш за него ќе нема мир. Ќе одлучува меѓу животот и смртта и огромните уривања. Ќе размислува за територијалниот компромис со Русија.  И затоа тој тропна на вратата на Трамп. Ако тој победи на изборите во ноември, можеби ќе му ја олесни одлуката на Зеленски. Колку и да е тешка. Ќе му помогне во некоја смисла. Грешат оние кои го сметаат Трамп за проруски настроен. Не случајно во Русија го преферираа Бајден за претседател. Тој е предвидлив, за разлика од Трамп. Сега Русите ќе треба да се подготвуваат за непредвидливиот или за некој политичар со кариера. А кој ќе биде тој ќе дознаеме за некоја недела.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.