26 Ноември, 2024
0.0244

Товарот на јавниот долг

Објавено во: Колумни 26 Јануари, 2013

Добивај вести на Viber

Денес во светот нема единство во уверувањата и никој со сигурност не може да каже дали натамошното задолжување на земјите е предуслов за излез од повеќегодишната светска криза или, пак, токму спротивното - штедењето и намалувањето на долгот се услов за тоа На веб-страницата на лондонскиот неделник „Економист“ е поставен дигитален часовник што континуирано, во секоја секунда, ги мери промените во нивото на светскиот јавен долг и тоа изразен во американски долари (http://www.economist.com/content/global_debt_clock). Кога се пишуваше овој текст износот беше 49.749 милијарди долари и на секои неколку секунди се зголемуваше за еден милион долари. Тоа е приближно 1/3 од големината на светскиот БДП. Висината на долгот (задолженоста) на земјите во светот денес е една од најчесто дебатираните теми. Висината на долгот како да ги држи во заложништво сите земји, особено оние најсиромашните и најбогатите. Денес во светот нема единство во уверувањата и никој со сигурност не може да каже дали натамошното задолжување на земјите е предуслов за излез од повеќегодишната светска криза или, пак, токму спротивното - штедењето и намалувањето на долгот се услов за тоа. Дури и експертите на ММФ се покажаа колебливи и постојано предлагаат контрадикторни решенија - еднаш дека треба да се штеди, друг пат дека штедењето го овозможува опстојувањето на кризата, трет пат дека растот на долгот треба да се запре, односно дека дефицитите треба да се намалат. Жртви на ваквото несогласување се токму земјите, како што е Грција, кои се наоѓаат во сериозна должничка криза. Од друга страна, голем број од високоразвиените земји, што патем создаваат околу 70 отсто од светскиот БДП, веќе имаат создадено високо, иако најчесто и одржливо ниво на јавен долг, без чие натамошно потхранување нивните економии, веројатно, брзо би колабирале. Некои експерти и научници, дури и со право, сметаат дека почетокот на евентуална операција за намалување на нивниот јавен долг би довел во многу непријатна состојба голем број приватни инвеститори и држави што го поседуваат нивниот долг и тоа би можело да се закани со уште поголема светска економска криза. Кои се тие држави? Јавниот долг на САД на 31 декември 2012 година достигна ниво од околу 16.390 милијарди долари. Тоа е повеќе од вредноста на бруто домашниот производ на земјата во таа година за околу 10 отсто. Поголемиот дел од долгот е во рацете на странци. Ако тоа ви изгледа премногу, не се премислувајте. Да, американскиот јавен долг од околу 110 отсто од БДП стана превисок дури и за најголемата и најразвиената економија во светот. Нивото на долгот во земјата е регулирано со федерален закон за негово апсолутно ограничување (во долари) уште од 1917 година. На почетокот на август 2011 година американскиот Конгрес беше доведен во состојба да мора да донесе закон (акт), со кој ќе се дозволи јавниот долг на земјата да се зголеми на над 15.000 милијарди (100 отсто од БДП), бидејќи во спротивно се закануваше опасност дека американскиот федерален буџет ќе биде неликвиден и нема да може навреме да ги извршува своите обврски. Тогаш никој не се надеваше дека само по една и пол година Конгресот ќе биде доведен во иста состојба и ќе мора повторно под притисок да разговара за ново големо подигнување на горната граница на нивото на јавниот долг, што ќе се утврди во границите од 17.100 до 17.600 милијарди долари. Во минатото, тоа секогаш се случуваше, но сега станува збор за огромни дополнителни износи при секое наредно поместување на нивото на долгот. Исходот од сегашниот „теснец“ набрзо ќе биде познат и не треба да се верува дека американските политичари ќе соберат храброст да штедат, па наместо да го зголемуваат долгот ќе се решат на кратење на очигледно преголемите буџетски расходи. Уверувањето за тоа произлегува од фактот дека лимитирањето на долгот во последниве 30 години секогаш се движело кон нагоре: 1.000 милијарди во 1981 година; 4.000 милијарди во 1990 г.; 6.000 милијарди во 1996 г.; 10.000 во 2007; 14.000 во 2010 година. Од времето на администрацијата на претседателот Хари Труман (веднаш по Втората светска војна), па сè до денешниот претседател Обама, секој претседател, повеќе или помалку, немилосрдно го зголемувал националниот долг. Статистичарите забележале дека само во последниве 50 години (од 1962 година до денес), ограничувањето за нивото на задолжување е подигнато за 74 пати, односно просечно на секои осум месеци по еднаш, вклучувајќи 18 пати за времето на Реган, осум пати за времето на Клинтон, седум пати за времето на Буш и три пати во времето на Обама, во чиј мандат долгот најбрзо расте заради фактот што токму тогаш се случија двата најголеми буџетски дефицита (10,0 отсто во 2009 г. и 8,9 отсто во 2010 г.) од времето на Втората светска војна. Заради зачестеното поместување на горната граница на долгот, денес во САД има голем број експерти и политичари кои мислат дека наместо квартално или полугодишно ценкање околу нивото на јавниот долг, всушност, потребно е уште сега да се предвиди и одреди границата за наредните две или повеќе години и со тоа да се елиминираат неизвесностите, а инвеститорите во американските обврзници да можат подолгорочно и постабилно да ги планираат своите пласмани во нив. Јавниот долг на Јапонија е огромен. Тој изнесува околу 13.700 милијарди и по обем е втор во светот по оној на САД, но во случајот на Јапонија тој долг изнесува скоро 230 отсто од БДП на земјата, што е проценет на малку над 5.000 милијарди долари и истата ја прави релативно најзадолжена развиена земја во светот. Јапонската економија се наоѓа во своевидна криза веќе цели 15 години, а јавниот долг на земјата практично ја диктира нејзината целокупна економска политика. Нејзиниот јавен долг и оној на САД прават околу 3/5 или 60 отсто од вкупниот јавен долг во светот. Оттука, нивното ниво и идното движење се еден од факторите за соодветните глобални економски движења во иднина. Јавниот долг на НР Кина, втора по големина светска економија, е значително помал од оној на САД или на Јапонија и изнесува „само“ околу 1.660 милијарди долари и е под границата од 40 отсто од БДП, но јавниот долг во рамките на ЕУ (една од четирите економски велесили во светот) драматично расте. Во средината на 2012 година јавниот долг на ЕУ-27 се зголеми до ниво од 14.069 милијарди долари (10.840 милијарди евра, односно 85 отсто од БДП на ЕУ), а јавниот долг во еврозоната достигна ниво од 11.054 милијарди долари (8.517 милијарди евра, односно 90 отсто од БДП). По одделни земји, најголемиот долг е концентриран кај Германија со висина од 2.798 милијарди долари, односно 83 отсто од БДП; Италија со 2.557 милијарди долари, односно 126 отсто од БДП; Франција со 2.365 милијарди долари, односно 91 отсто од БДП; и В. Британија со 1.531 милијарда долари, односно 86 отсто од БДП. На листата на најзадолжени во ЕУ во однос на сопствениот БДП се наоѓаат Грција со 150 отсто; Италија со 126 отсто; Португалија со 118 отсто; Ирска со 112 отсто и Белгија со 103 отсто. Најмалку задолжени се Естонија со 7 отсто; Бугарија со 17 отсто и Луксембург со 21 отсто. Очигледно дека собраниот долг на ЕУ, САД и на Јапонија од околу 44.160 милијарди долари, всушност, го претставува најзначајниот дел од светскиот јавен долг, или околу 89 отсто од него, односно многу повеќе од нивното учество во светскиот БДП што достигнува околу 70 отсто. Оттука и неговото менаџирање, всушност, претставува менаџирање со јавниот долг во светот, па затоа најразвиените земји имаат и најголема одговорност за идниот раст во светот, ако се земе како постулат дека односот кон долгот (штедење, односно намалување на дефицитите наспроти експанзивна фискална политика и продлабочување на дефицитите и долговите) е многу битен за креирање на растот и за излез од сегашната стагнантно кризна состојба на светската економија. Каде се наоѓа Македонија во сите овие движења? Во светски рамки таа не спаѓа ниту во многу ниту во малку задолжени земји, но, сепак, неспорни се три нешта: Прво, дека нивото на јавниот долг во Македонија, што официјално е нешто над 30 отсто од БДП, не е на алармантно ниво и, всушност, тој никогаш и не бил тоа; Второ, дека нивото на јавниот долг на Македонија во однос на БДП во последниве неколку години постојано се зголемува, без разлика што властите во јавноста постојано дистрибуираат контрадикторни податоци за неговиот износ. Со оглед на актуелната буџетска политика на растечки буџетски дефицити и политика на забрзано задолжување на земјата, тие тенденции може да се динамизираат; и Трето, дека апсолутното ниво на јавниот и на вкупниот долг уште побрзо се зголемува. Само надворешниот јавен долг, на пример, од 1.403 милиони долари на крајот од 2006 година е зголемен на 2.062 милиона во септември 2012 година, а вкупниот надворешен долг во истиот период се зголеми двојно - од 3.297 на 6.555 милиони долари. Во вакви услови би било најдобро јавниот, а особено надворешниот јавен долг постојано „да се држи под око“, бидејќи и во случајот со Македонија, во изминативе четири-пет години, се потврди дека неговото зголемување станува проблематично само по себе за во иднина, а воопшто не донесе ниту економски раст ниту нови работни места денес. Никола Поповски извор: Граѓански

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.