Трамп кажа што мисли за Исламска држава
Објавено во: Свет 23 Март, 2019
Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска изјави дека САД и натаму ќе бидат внимателни кога станува збор за мрежата на екстремистичката група Исламска држава.
Тој ги предупреди потенцијалните регрути на истата дека ќе бидат мртви ако им се приклучат на џихадистите.
Трамп во соопштението наведува дека фактот што Исламската држава ја загубила целата територија во Ирак и Сирија е доказ за нејзиниот лажен наратив и ги нарече нејзините припадници губитници кои никогаш нема да бидат нешто повеќе од тоа.
Трамп ја обвини Исламска држава за бруталните егзекуции, убивањето на жени и деца, искористувањето на деца-војници и сексуалната злоупотреба, објави агенцијата АП.
Сириските демократски сили поддржани од САД денеска објавија дека ослободено е и последното упориште кое џихадистите го имаа во Сирија.
Повеќе од 630 цивили, од кои најмалку 200 деца, загинаа во последните шест месеци во судирите на истокот на Сирија, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права. Меѓу загинатите, освен Сиријци, има и членови на семејства на џихадисти.