Црна Гора ќе добие покана за членство во НАТО утре?
Објавено во: Балкан 01 Декември, 2015
Црна Гора ќе добие утре официјална покана за членство во НАТО, објавија дипломатски извори, цитирани од онлајн изданието „euractiv.com“.
Поканата ќе биде упатена по средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки во Алијансата, која ќе се одржи денеска и утре во Брисел, додава весникот.
„Предложениот текст на поканата бил одобрен на ниво постојани претставници на земјите од НАТО“, посочува еден од изворите на весникот. Според него, откако поканата биде упатена постапката по приемот во Алијансата ќе потрае една година - година и пол.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг коментирал дека уште не може да ја потврди одлуката за покана за членство во Црна Гора, бидејќи пред тоа прашањето треба да биде разгледано од министрите за надворешни работи на земјите членки.
Се очекува главна тема на средбата да биде конфликтот во Сирија, како и односите на Русија и Украина.
Москва има долгогодишни историски врски со Црна Гора и Србија како и интереси во регионот на Западен Балкан. Претседателот на Русија, Владимир Путин се пожали од интервенција на НАТО, особено откако прозападната влада во Киев ги изјавува своите намери за влез во Алијансата во иднина, коментира весникот.
НАТО и предложи на Украина членство во 2008 година, потсетува весникот.