19 Март, 2024
0.0462

Управување со ризикот од перење пари

Објавено во: Колумни 11 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Ризикот претставува закана дека одреден настан или активност неповолно може да влијае врз можноста финансиската институција да ги реализира своите деловни цели и успешно да ја спроведе својата стратегија.

Ризикот од инволвираност на финансиската институција во процесот на перење пари се состои од следните четири ризици:

Правен ризик (опасност судските постапки, неадекватните проценки или лошо формулираните договори негативно да влијаат врз активностите или условите за работа)

Концентрациски ризик (изложеност на финансиската институција кон одредени депоненти или корисници на кредит и поврзани лица со истите)

Репутациски ризик (опасност негативниот публицитет за работењето на финансиската институција, без оглед дали истиот е оправдан или не, да предизвика губење на довербата во интегритетот на таа институција)

Оперативен ризик (ризик од директна или индиректна загуба којашто произлегува од неадекватните интерни процеси, лица и системи, како и надворешни влијанија)

Какви последици може да има реализираниот правен ризик врз одредена финансиска институција? Доколку се докаже дека финансиската институција е инволвирана во перење пари, истата ќе биде изложена на санкции согласно позитивните законски прописи. Имено, може да се изрече мерка – забрана за вршење на одредени финансиски активности. Понатаму, таа институција може да стане предмет на почести контроли и ревизии во делот на спречување на перење пари. Да не зборуваме за судските трошоци коишто ќе ги сноси таа институција, времето потребно за надминување на проблемите итн. Правниот ризик е речиси секогаш поврзан со репутацискиот ризик – доаѓа до сериозно нарушување на угледот на таа финансиска институција.

Се чини дека репутацискиот ризик е најопасен. Тој фактички значи губење на довербата на клиентите во соодветната финансиска институција. Таквата појава неминовно доведува до намалување на обемот на активности на таа финансиска институција, губење на клиентите, пад на пазарната цена на акциите и сл. Реализираниот репутациски ризик е тесно поврзан со порастот на криминалните активности и негативно влијае врз развојот на пазарната економија и угледот на државата во целина.

Оперативниот ризик се јавува како резултат на неадекватни процедури и неадекватни контролни механизми. Исти така, причина за појава на оперативниот ризик може да биде несоодветниот customer due diligence. Реализираниот оперативен ризик во оваа сфера означува (не)намерно инволвирање на вработените во процесот на перење пари. Ако на тоа се додадат неадекватните контролни механизми споменати погоре, тоа може да доведе до огромни финансиски реперкусии врз финансиската институција.

Концентрацискиот ризик е особено опасен за помалите финансиски институции. Тоа може да доведе до ликвидносен ризик, како и до ризик на финансирање. Ако мала банка пласира кредит на неколку фирми коишто меѓусебно се капитално, управувачки или роднински поврзани, проблемите на тие фирми автоматски претставуваат проблеми на банката.

Што доведува до појава на овој ризик? Најчесто концентрацискиот ризик се појавува поради неадекватна политика на познавање на клиентите (know your customer policy). Треба да се има во предвид и дека слабата интерна или екстерна контрола во одредена финансиска институција може да ги привлече криминалците и нивните пари во таа финансиска институција што ќе резултира со значителен концентрациски ризик.

Постојат повеќе фази на управување со ризикот од перење пари:

Идентификација на областите (подрачјата) каде што е присутен ризикот од перење пари

Разбирање и проценка на нивото (степенот) на ризик од перење пари

Изградба на стратегија за управување со процесот на спречување на перење пари

Имплементација на горе наведената стратегија и соодветна алокација на ресурсите

Управувањето со ризикот од перење пари мора да ги има во предвид видот на производите и услугите на финансиската институција, видот и структуратата на клиентите, географското подрачје од коешто доаѓаат истите и каналите на дистрибуција.

При управувањето со ризикот од перење пари, секогаш мора да се имаат во предвид следните три фактори: стратегијата на финансиската институција, целта којашто треба да биде постигната и степенот на експанзија на деловните активности. Секој од овие фактори е исклучително комплексен, па тоа дополнително го усложнува управувањето со ризикот. Притоа, финансиската институција мора да воспостави рамнотежа помеѓу трката за повеќе клиенти, степенот на нивното задоволство и почитувањето на законските прописи во сферата на спречување на перење пари.

  д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народна банка на Република Северна Македонија


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?