Верува ли Заев дека Груевски ќе биде екстрадиран?
Објавено во: Македонија 10 Декември, 2018
Иако еврокомесарот Јоханес Хан се сомнева, премерот Зоран Заев изјави дека не ја губи надежта по прашањето за испорачување на поранешниот премиер Никола Груевски во Македонија. Хан смета дека ниту Европскиот парламент не може да направи нешто по ова прашање.
Заев вели дека многу прашања во Македонија беа невозможна мисија, па се оставрија.
„Јас продолжувам да правам напори, како Претседател на Влада заедно со институциите, коишто ги имаме, пред сè, Министерството за правда, да настојуваме да бараме негово испорачување, заради тоа што тоа е минимум што можеме да очекуваме од пријателска земја, како што е Унгарија, која што е членка на ЕУ и на НАТО. Затоа, како што реков по сите меѓународни правила, конвенции, па дури и по домашните закони на Унгарија нема никакво право да биде доделен азил на господинот Груевски“, рече Заев.
За коментарот на претседателот Ѓорге Иванов, кој кога беше прашан дали очекува апсење, неговиот одговор беше „ништо чудно“, премиерот Заев забележа дека е „срамно да дава коментари за вакви работи“.
Груевски пред месец дена избега во Унгарија, каде доби политички азил. Тој наведе на својот Фејсбук профил дека имал закани по живот.