ВМРО ДПМНЕ најавува инфраструктурен бум по 12 април
Објавено во: Македонија 04 Март, 2020
Опозициската ВМРО ДПМНЕ по 12-ти април најавува инфраструктурен бум и целосна обнова на државата.
Од партијата на Мицкоски се обврзуваат на обнова која како посочуваат ќе донесе автопатско поврзување на Скопје со Битола со изградба на нов автопат од Велес преку Прилеп до Битола.
„Овој проект значи нова патна артерија, нов коридор односно ново автопатско поврзување од Велес, Чашка, Прилеп па се до Битола, кој е од стратешко значење за Пелагонискиот крај и еден милион граѓани.
Следува доизградба на сето она што е започнато, односно доизградба на автопатот Кичево Охрид и автопатот Скопје Блаце, кој што е започнат и предвиден од претходната влада ан ВМРО-ДПМНЕ“, соопштуваат од опозицијата.
Ако направат влада, од ВМРО ДПМНЕ се обврзуваат и за обнова на нов асфалт за регионалните патишта во државата.
„Да нема неасфалтиран регионален пат, односно целосна реконструкција на повеќе од 1.000 километри регионални државни патишта. Ова значи за еден мандат ќе го замениме целиот дотраен асфалт на сите регионални патишта во земјава, односно до Берово, Дојран, Делчево, Пехчево, Пробиштип, Ресен, Дебар, Кичево, Македонски Брод и останатите градови ќе се вози низ целосно нов асфалт.
ВМРО-ДПМНЕ се обврзува за обнова која ќе донесе 2 милијарди евра за инвестиции во патишта. Овде пред се спаѓаат инвестициите и градбата на автопатиштата, експресните и регионалните патни правци“, посочуваат од ВМРО ДПМНЕ.