ВМРО-ДПМНЕ НЕ ПОПУШТА: Со иницијатива бараат распуштање на Собранието на 12-ти февруари
Објавено во: Македонија 05 Февруари, 2020
Сите партии се за избори, но спорен е денот на распуштање на Собранието.
Од ВМРО-ДПМНЕ не отстапуваат и поднесоа иницијатива за распуштање на Собранието на 12-ти февруари.
Oваа иницијатива е доставена до сите пратеници. Нема да дозволат пролонгирање на рокот. Велат дека Законот за ЈО ќе биде изговор за бегање од избори.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека некој сака да го одложи расуштањето на Собранието, за да може да протурка уште неколку тендери додека е функционална техничката Влада.
„СДСМ е за распуштање на Собранието на 12 февруари, но ако има простор за дополнителни 5-6 дена работа за да се донесат измените на изборниот законик и Законот за јавно обвинителство, може да пролонгира и да се запазат изборните рокови за 12 април“, изјави пратеникот од редовите на СДСМ, Бетијан Китев.
Деновиве, лидерот на СДСМ, Зоран Заев кажа дека Собранието нема да се распушти додека не се изгласаат реформските закони, меѓу кои и Законот за Јавното обвинителство.
„Уставот е јасен, вели претседателот на парламентот, укажувајќи на законските рокови за сите изборни дејства. Тие рокови не може да се кратат“, вели собранискиот претседател Талат Џафери.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ако се одложат изборите, Македонија ќе влезе во политичка криза. На 12 април треба да се одржат предвремени парламентарни избори.