Во земјава живеат 46,14 отсто православни, 32,17 отсто муслимани: Во едно семејство има по 3,06 члена
Објавено во: Македонија 30 Март, 2022
Вкупното резидентно население на Република Северна Македонија, на 5 септември 2021 година изнесувало 1.836.713 жители, објави денеска Државниот завод за статистика како резултат на пописот кој беше одржан минатат година. Од нив, 50,4 отсто се жени, а 49,6 проценти се мажи.
Според возрасната структура, најголем процент од населението 7 отсто - се во возрасната група од 40-44 години. Од статистика велат дека куриозитет е што во Северна Македонија е попишанo 51 лицe на возраст над 100 години.
Според изјаснувањето за етничка припадност, 58,44 отсто од населението се изјасниле како Македонци, 24,3 проценти како Албанци, 3, 86 проценти како Турци, 2,53 отсто како Роми, 0,47 проценти како Власи, 1,3 проценти како Срби и 0,87 проценти како Бошњаци и други.
Според религиската припадност 46,14 отсто се изјасниле како православни, 32,17 отсто како муслимани (ислам), 0,37 проценти како католици, а во овој Попис се појавија и други религиски заедници кои ги немаше во претходните пописи, а тоа се евангелско протестантски христијани, агностици, будисти и други.
61,38 проценти од попишаното население се изјасниле дека мајчин јазик им е македонскиот, 24.34 проценти албански мајчин јазик, 3,41 проценти турски, 1,73 проценти ромски, 0,17 отсто, влашки, 0,61 проценти српски и 0,85 проценти босански јазик.
Бројот на домаќинства изнесува 598.632, а просечниот број на членови на домаќинствата изнесува 3, 06.
„Во рамките на Пописот 2021 беше овозможено македонските државјани кои живеат и престојуваат во странство повеќе од една година да се самопопишат преку веб-апликација која беше достапна на веб-страницата за Попис. Оваа можност ја искористија 258 932 наши сонародници од кои 24,55 проценти се изјаснија како Македонци, 66,42 отсто како Албанци, 4,78 отсто како Турци и други. Оваа категорија граѓани не влегува во вкупното резидентно население на Република Северна Македонија, стои во соопштението.
ФОТО: EPA/ Georgi Licovski