ЗА ТЕЛЕВИЗИЈАТА, ЗА ТЕРАПИЈА, НО И ЗА ОБЛЕКА: Радуловиќ објасни за што му давал пари на Боки 13
Објавено во: Македонија 06 Март, 2020
Александар Радуловиќ од Белград, сопруг на Марина Туцаковиќ, сведочеше на денешното рочиште за Рекет.
Според неговото сведочење, тој и Бојан Јовановски последен пат се сретнале на 21 февруари 2019 година во ателјето во домот на Радуловиќ.
„Боки беше со мајка му и кумата. Се договоривме за набавка на лекови за жена ми и облека од Милано која Боки требаше да ја плати и донесе. Ги нарачавме и резервираме лековите во клиника во Милано и тоа терапија за 6-7 месеци. Многу сакапа терапија. Во Боки имавме доверба, тој требаше да отиде да плати и да ги донесе. Ние му дадовме малку поголема сума и тоа што му требаше, за по пат пари. Само лековите чинеа 12 илјади евра месечна терапија, за гардеробата не знам колку пари ама и тоа беше скапо“, рече Радуловиќ во своето сведочење.
Овие средства, 150 илјади евра, тие вечерта му ги дале кај нив дома. „Лично на рака јас му ги дадов, тој му ги даде на Тони“, објасни Радуловиќ.
Тој со Бојан Јовановски се познавал 12 години, првично професионално, а потоа и приватно. Тие станале семејни пријатели и оделе заедно на одмори, а бил и чест гостин во неговиот дом.
„Пред две години кажа дека ќе отвара телевизија, а нам ни одговараше затоа што сакавме да го прошириме влијанието во цел регион. Му дадовме пари за отворање на телевизијата во неколку наврати за да купи опрема и да ја развива телевизијата. Приватно и во овие 12 години му имаме давано пари и не сме склучиле било каков писмен договор“, сведочеше Радуловиќ.