Заев: Две и пол години имаме трпение за Илија Димовски
Објавено во: Македонија 25 Октомври, 2019
Премиерот Зоран Заев денеска му порача на пратеникот Илија Димовски како претседател на собраниската Комисија за именувања, како што вели тој, да го откочи изборот на директор на Државниот завод за ревизија, институција која во моментов нема раководител, а две години Собранието не може да му избере прв човек.
„Две и пол години имаме трпение за Илија Димовски. Тие бираат државен директор. Водењето на Илија Димовски не е патриотизам, не е фер спрема државата. Не треба да го загрозува функционирањето на државата, да не ја злоупотребува привилегијата да биде претседател на собраниската комисјја за именувања. Да и служиме на државата е минимум обврска за нас. Апелирам да се изберат тие институции кои се закочени, како што е програмскиот совет на МРТ, а дури и судскиот совет може да биде блокиран“, рече Заев.
Премиерот наедно повика на разум по одлуката на СОНК да не се прифатат понудените дополнителни 10 отсто зголемување на платите на просветните работници и да се пристапи кон подготовка на генерален штрајк на наставниците и учителите.
„Ние го даваме тоа што може да го дадеме. Свесни сме дека се ниски платите, ги правиме паралелите со соседството, но капацитетите на државата се тие. Зборуваме за поголеми плати од 1 април, апелирам до СОНК за разумност“, смета Заев.
Најави средба со директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, и по новонастанатата ситуација со вонредните парламентарни избори рече дека пописот би можел да се одржи и во 2021, наместо предвиденото до април следната година.