Заев: Им се закануваа на млади волонтери во полициска станица - Чулев и Мицкоски ја злоупотребија полицијата
Објавено во: Македонија 30 Април, 2020
Лидерот на СДСМ Зоран Заев преку фејсбук се огласи за случајот со запленетите пакети помош од неговото семејство.
Тој бара одговорност за овој скандал, за кој прстот го впери во министерот Чулев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
„Барам одговорност за скандалот што доцна ноќеска се случи во Струмица, каде преку злоупотреба на полиција и државни институции ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев и Христијан Мицкоски се обидоа да спречат хумана, солидарна акција за помош на моите сограѓани.
Очекувам од надлежните институции да спроведат истрага и да ги посочат виновниците“, нпиша Заев.
ВМРО-ДПМНЕ, нагласува првиот човек на СДСМ, преку полициски структури попречува хумантирна помош за граѓани преку злоупотреба на државни институции. ВМРО-ДПМНЕ со полициски режимски структури синоќа до рани утрински часови вршеше притисок и закани врз волонтери и членови на граѓанска организација.
„Држеа млади волонтери во полициска станица, им се закануваа, само затоа што некој добил партиска задача и му пречи солидарноста. Тоа е одлика на нелуѓе од еден режим којшто одамна го поразивме заедно со граѓаните. И затоа таквите партиски насилници мора да сносат одговорност. Македонската и струмичката солидарност е голема и ништо нема да ја спречи, најмалку неспособната, режимска ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Заев.