Заев му се заблагодари на Панчо Минов на Фејсбук
Објавено во: Македонија 10 Јануари, 2019
Премиерот Зоран Заев синоќа на својот профил на Фејсбук, меѓудругите, му се заблагодари на независниот пратеник Панчо Минов за неговиот ангажман и став околу амандманските измени на Уставот и најави дека процесот треба да заврши со позитивно изгласување со двотретинско мнозинство.
„Имавме инклузивен процес кој треба да заврши со двотретинско гласање, граѓаните и светот очекуваат државничка одлука. Им благодарам на пратениците од сите партии и пратенички групи, од владејачката коалиција, од БЕСА и од Алијанса на Албанците, на 8-темина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и на пратеникот Панчо Минов, кои дадоа придонес во амандманите и во процесот и го потврдија и верифицираа македонскиот идентитет.
Вашиот глас е глас за полноправно членство на нашата земја во НАТО за помалку од една година. Вашиот глас ЗА, нѐ става во европското семејство на нации во ЕУ. Граѓаните ќе ви бидат благодарни. Заедничка е одговорноста да ги поведеме нашите граѓани кон безбедна, стабилна, економски силна, заедничка држава.
Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признаена од сите, на којашто граѓаните се горди“, напиша Заев.
Инаку Минов е номиниран за пратеник од партијата „Гром“ како коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ но делува самостојно, а според медиумските гласини, овој пат и тој ќе гласа за затворање на уставните измени.