Заев: Не може да има дивоградби во Охрид, да гради кој каде сака на Матка
Објавено во: Македонија 03 Март, 2020
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на денешната партиска прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека албанската заедница во македонија треба да биде застапена барем со 12-13 пратеници во владеачкото мнозинство по изборите на 12 април.
Ова лидерот на владеачката партија го одговори на прашањето дали во иднина планира да коалицира со ДУИ дури и ако СДСМ во коалиција заедно со БЕСА освои барем 51 пратеник што ќе биде доволно да се формира Влада.
- Влада може да се формира со 61 пратеник но ќе биде потребно стабилно мнозинство. Ќе се отвораат важни теми во реформите и економијата во наредниот мандат. Етничките заедници треба да бидат соодветно застапени, рече Заев.
Алудирајќи на ДУИ, повика партиите да ја зголемат свеста за одговорност пред граѓаните и да не ги прават грешките од минатото.
- Опциите на изборот треба да бидат согласно вредности и принципи. Граѓаните очекуваат партиите да се менуваат, да се подобруваат. Затоа многу чесно зборувам за работи кои се проблематични во општеството. Како што ни замерувале нам и ние сме се труделе и сме се промениле, сме давале одговори и сме правеле се да ги корегираме работите, тоа го очекуваме од партнерите во коалицијата и од идни коалиции кои би ги направиле. Не може да дозволиме дивоградби кој каде сака во Охрид, или дивоградби на Матка, не може да нема одговорност и отчетност за важните проблеми, рече Заев.
Како незаконски спроведена постапка, која Централниот регистер треба да ја коригира веднаш, бидејќи не постои одлука на Советот на општина Чаир го оцени денеска лидерот на СДСМ преименувањето на две училишта во општина Чаир, за што вчера на својот Фејсбук профил инфомираше министерот за образование Арбер Адеми.
Адеми на Фејсбук објави дека се променети имињата на две училишта во Чаир – „Никола Вапцаров“, кое сега се вика „Исмаил Ќемали“ и „Рајко Жинзифов“ кое сега е „Имри Елези“. Тој во постот напиша дека ги потпишал потребните акти со што конечно завршило прашањето за именувањата на училиштата во Чаир.
-Со записник на некој си училишен одбор надвор од законските прописи е спроведена одлуката и доставени се материјалите. Ги повикувам институциите да постапат по закон. Законодавецот предвидел како се менува назив на училиште и тоа го одлучуваат граѓаните преку своите претставници, рече Заев.