Захариева: Ќе се формира комисија за историја, со цел таа да не се политизира
Објавено во: Балкан 03 Ноември, 2017
Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева во интервју за Бугарската национална телевизија, изјави дека ќе се формира комисија за историја, со цел таа да не се политизира.
Во однос на прашањето за името, таа нагласува дека Софија одамна ја призна Република Македонија под уставното име.
„Важно е да се среќаваат луѓето, да се подобри инфраструктурата меѓу двете држави. Петстотини илјади македонски граѓани ја посетуваат Бугарија, а 350 илјади Бугари одат во Македонија. Прашањето е како ќе се применува тој договор. Од тамошната опозиција јазикот кон Бугарија е сосема различен. Силниот национализам и кампањата против соседите покажа дека не носат резултати“- рече Захариева.
Премиерите на Македонија и на Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август, годинава, во Скопје го потпишаа Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји. Двајцата договорот го оценија како историски исчекор кој ќе трасира пат кон стабилност на двете земји и регионот.