ЗАШТИТА НА ВИНОПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ И ПОЛЕСЕН ПЛАСМАН НА ПАЗАРИТЕ ВО ЕУ - нов Закон за вино, нови одредби
Објавено во: Агробизнис 29 Јули, 2022
Заштита на интересите на производителите на винско грозје и вино и потрошувачите на вино, подобрување
на квалитетот на виното идругите производи од винско грозје и добро функционирање на внатрешниот
и надворешниот пазар на винско грозје и вино, се главните цели на новиот Закон
за вино. Нацрт верзијата на овој закон е направена и објавена на националниот
регистар ЕНЕР, а во него опфатени се повеќе сегменти.
Како што се посочува во извештајот за проценката на регулативата, постоечкиот Закон за вино кој е на сила не е во целост усогласена со одредбите од Регулативите на ЕУ од областа кои се однесуваат на заштита на географскиот назив и потеклото на вината, органското вино, како и ароматизирано вино, ароматизиран пијалак на база на вино, ароматизиран вински коктел.
- Имајќи предвид дека земјите членки на ЕУ се најголемиот пазар за извоз на вино од Република Северна Македонија и со цел непречено да се зголеми и олесни извозот на вино и производи од вино, се пристапи кон донесување на нов Закон за вино. Основна цел за донесување на законот е негово усогласување со новите правила на ЕУ во областа, воведување на нови производи во рамки на законот (органско вино, ароматизирани вински производи). Покрај тоа, делот на законот кој се однесува на класификација на вина, производство, означување и заштита на вина со географски назив претрпи сериозни измени со цел да се усогласи со регулативите на ЕУ, а виното со потекло од Македонија да биде заштитено на пазарите на ЕУ. Предложените решенија имаат за цел да се зголеми и олесни извозот на вино и производи од вино на пазарот на ЕУ, како најголем извозен пазар за македонско вино – се наведува во извештајот.
Во нацрт законот има посебни одредби за процесот на откуп на виното, односно за неговата исплата, каде е наведено дека откупувачот на производителот на грозје може износот за откупеното винско грозје да му го исплати во целост во рок од седум дена од денот на приемот, односно исплатата на износот за откупеното винско грозје може да ја изврши на три рати од кои првата рата во висина од најмалку 20 отсто најдоцна до 15 декември во годината кога е извршен откупот, втората рата во висина од најмалку 40 проценти најдоцна до 15 февруари следната година од годината кога е извршен откупот и третата рата најдоцна до 30 април следната година од годината кога е извршен откупот.
Министерството најдоцна до 15 јули во тековната година ќе ја утврдува производна цена по килограм произведено винско грозје во тековната година. Цената на винското грозје за производство на вино се утврдува и се исплаќа врз основа на шеќерни единици.
- Доколку производителот се сомнева во резултатите од мерењето на шеќерните единици од страна на трговците и производителите на вино во моментот на откупот, производителот има право на проверка. Проверката ја врши овластена лабораторија. Трошоците за проверката се на товар на производителот на грозје. Во случај на разлика во резултатите од мерењата на шеќерните единици, цената се пресметува по шеќерните единици утврдени од овластената лабораторија – пишува во Законот.
Со новиот закон има посебна одредба за Заштита на ознака за потекло и заштитена географка ознака и традиционален назив, при што е посочено оти „географските индикации на виното на национално и меѓународно ниво се заштитуваат со заштитена ознака за потекло (ЗОП) или заштитена географска ознака (ЗГО). Традиционалниот назив на виното на национално и меѓународно ниво се заштитува со традиционална ознака“.
Со Законот се утврдува дека ознаката на потекло е име на регион, специфично место или во исклучителни и соодветно оправдани случаи земја, кое се користи за опис на вино кое ги исполнува следните барања: квалитет или карактеристики, во најголем дел или исклучиво се под влијание на географското подрачје и неговите природни и човечки фактори, е произведено од грозје кое потекнува исклучиво од дефинираното географското подрачје, и производството на вино се одвива во дефинирано географско подрачје.
- Географска ознака е индикација за одредено место, регион или во исклучителни и соодветно оправдани случаи земја, кое се користи за опис на вино кое ги исполнува следните барања: со специфичен квалитет, углед или друго обележје кои се припишуваат на географското потекло, е произведено од најмалку 85 отсто од грозје кое потекнува од дефинираното географското подрачје, и производството на вино се одвива во дефинирано географско подрачје или во непосредна близина на дефинирано географско подрачје – стои во законот.
Исто така дефинирано е барање за заштита на ознака за потекло или географска ознака или традиционален назив, може да поднесат група на производители на вино. Во случај на ознака која означува прекугранична географска област или традиционален назив поврзан со прекугранична географска област, група на производители на вино може да поднесе заедничка апликација.
Законот предвидува и посбени одредби за глоба, при што едно правно лице – мало трговско друштво може да добие глоба од илјада до две илјади евра, додека големо трговско друштво може да добие глоба и од 3 до 6 илјади евра, доколку не постапуваат согласно законот, а посебни глоби се предвидени и за извршните лица во компаниите.
При најавите за изработката на новиот Закон за вино, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, посочи дека „преку законот за вино заеднички ќе работиме да ги решиме сите прашања. Овој закон ќе го подготвуваме двете страни и со производители и со винарии, со цел да имаме ефикасен и применлив закон“.
Петранка Огнаноска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.