ЗДРУЖЕНИЈА ДО КОЅИЈАС: Името и идентитетот не се за тргување
Објавено во: Македонија 22 Март, 2018
Неколку здруженија денеска излегоа на протест пред доаѓањето на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас во Скопје. Маршот почна од Порта Македонија, и продолжи до Министерството за надворешни работи.
Тие му порачаа на Коѕијас дека е непожелен во земјава.
Итно да престанат разговорите со Грција, Македонија да влезе во меѓународните институции под уставно име, бараат членовите од неколку граѓански здруженија, кои се обединија под името „Народен фронт за спас на Македонија“.
Името и идентитетот не се за тргување, велат демонстрантите. Тие рекоа дека нема да се откажат од правата на Македонците кои живеат во соседната земја.
Грчкиот министер Коѕијас, доцна попладне ќе допатува во дводневна посета на Македонија, за првпат по 12 години со авион, директно од Атина. Утре се закажани средбите со државниот врв.