ЗОШТО: Ердоган се спротивстави на уште една европска држава
Објавено во: Свет 30 Март, 2018
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се конфронтира со Франција.
„Кои сте вие да зборувате за медијација меѓу Турција и терористичка организација“- праша Ердоган.
Тој изрази жалење за „целосно погрешниот“ пристап на Париз, кој предложи посредување меѓу Анкара и арапско-курдските сили во северна Сирија.
Париз вчера повика на дијалог помеѓу Турција и Сириските демократски сили. Тие сили се предводени од курдската милиција која е на црната листа на Анкара.
Турција денеска го отфрли предлогот на Франција, еден ден откако претставниците на Сириските демократски сили во Париз беа примени од францускиот претседател Емануел Макрон.
Макрон вети поддршка на Сириските демократските сили (СДФ), чии членови ги прими во Париз на разговори за конфликтот на северот на Сирија.
Макрон на вчерашната средба ја пофали оваа група, составена од курдски и арапски борци, велејќи дека таа храбро се бори против орагнизацијата „Исламската држава“, објави денеска Елисејската палата.
Тој побара на цивилите во Африн да им се овозможи непречен пристап до хуманитарна помош. Макрон изрази надеж дека СДФ и Турција ќе успеат да воспостават дијалог со француска помош.
Турската војска и нејзините сојузници од сириската опозиција минатата недела објавија дека имаат „целосна контрола“ над Африн.