Зошто САД праќаат борбени авиони во Европа?
Објавено во: Свет 15 Април, 2017
Воздухопловните сили на САД викендов ќе испратат мал број од своите борбени авиони од петтата генерација F-35 во Европа.
Тие ќе останат таму за неколку недели, за да учествуваат во обуки заедно со други американски и НАТО авиони, пренесоа агенциите и ТАСС, повикувајќи се на соопштението на Пентагон.
Не се знае точно во кои земји ќе бидат испратени авионите. Развојот на авионите F-35, кои имаат неколку модификации, е најскапиот вооружен проект на Пентагон. Се очекува САД да потрошат околу 391 милијарди долари за 15 години, за да купат 2.443 авионот F-35.
Машините сега се користат од американските воздухопловни сили, од американските поморски сили и од корпусот на американските маринци, како и од шест други земји – Велика Британија, Норвешка, Италија, Холандија, Израел и Австралија. Јапонија го доби од САД првиот нарачан авион F-35 во декември.
Компанијата производител, Локхед Мартин, минатиот месец рече дека Шпанија, Белгија и Швајцарија водат преговори за купување на F-35.