Богданци утре на референдум ќе се изјасни за Казандол
Објавено во: Македонија 10 Јуни, 2017
Жителите на општина Богданци утре ќе гласаат дали се за или против изградбата на рудникот за катоден бакар Казандол.
Право на глас имаат околу 7.000 лица запишани во избирачкиот список, кои ќе гласаат на 12 избирачки места. Граѓаните ќе се изјаснат дали се за да се стопира или не изградбата на рудникот и за тоа дали би дозволиле експлоатација на каква било руда во иднина во границите на оваа општина.
За да биде референдумот успешен треба да излезат најмалку половина плус еден од запишаните избирачи. Мнозинството од излезените граѓани ќе ја донесе одлуката која е дефинитивна и општинските власти ќе мора да ја спроведат.
Во Валандово се чека на одлуката на општината кога да се одржи референдум на идентичното прашање. Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ веќе ги собра неопходните 2.213 потписи за одржување референдум.
На 18 месецов референдум ќе се одржи и во Дојран. Граѓаните од оваа општина ќе треба да одговорат на истите прашања.