ЧУВАЛ РАЧНА БОМБА ВО ВИКЕНДИЦА - се бара притвор за 30-годишник од село Љубин
Објавено во: Македонија 21 Март, 2022
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје повел истражна постапка против 30-годишно лице од скопското село Љубин за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи според член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Осомничениот, во неговата викенд куќа во селото Јаболце, држел експлозивна материја која на граѓаните им е забранета – една рачна бомба од непозната марка и модел. Освен ова, кај него биле пронајдени и делови од огнени оружја – рамки за автоматски и полуавтоматски пушки, како и седум испукани чаури низ дворот на оградената викендица“, се вели во соопштението од јавното обвинителство..
Бидејќи постои опасност осомничениот да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.