05 Мај, 2024
0.0309

ИНТЕРВЈУ ВЛАДИМИР ТУФЕГЏИЌ: Панчевски да замине за да се врати авторитетот на Кривичниот суд

Објавено во: Македонија 18 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Конфликтноста во Скопскиот  суд ќе се смири ако се поништи постапката за избор на нов Претседател на Кривичниот суд. Како еден од тројцата претенденти Туфегџиќ ќе ја повлече својата номинација. “Очекувам В.Д претседателот да ја врати работната атмосфера, толеранцијата, да ги нормализира и релаксира меѓучовечките односи внатре во Кривичниот суд со уважување на професионалниот и личен интегритет.“

За судијата Владимир Туфегџиќ кој настапува како член на Претседателството на судии на РМ, загрижувачки е молкот на Судскиот совет по изјавата на Панчевски дека секој е “судија е дуќанче”.

“Јас за себе одговорно тврдам дека при моето постапување во конкретни предмети, од кои повеќето биле предмет на зголемен интерес на јавноста, како што се “Пајажина“, “Монструм“, “Метастаза“, “Агент“, “Калдрма“ и други, не сум имал ниту еден телефонски повик, ниту разговор со лице кое било или е дел од владеачкиот политички естаблишмент во тоа време и да ми биде сугерирано како да постапувам”.

Судијата Туфегџиќ и како член на раководството на Здружението на судии не ја исклучува генераланата реконструкција во судството и изборот но со комплексни законски измени. За ова прашање, како и за евентуалниот спецјален судски совет за кривичните дела од Прислушувањето, треба конзенсуална политичка воља.

Разговараше Горазд Чомовски

Фактор: На што се должи ескалацијата и поделбите во Кривичниот суд и кај кого ја лоцирате вината ?

Туфегџиќ: Ескалацијата на конфликните состојби во Кривичниот суд се резултат на нарушените меѓучовечки односи кои траат неколку години наназад и имаат своја генеза.За подсетување,пред три години мнозинството на судии од Кривичниот суд го изразија своето незадоволство од начинот на работењето на актуелниот Претседател на судот. Со неговот однос кон судиите, со укажувања и задолженија упатени од Претседателот на судот( Панчевски, н.з.), се наметнуваше обврска за нивно одредено постапување на судија по конкретни предмети.  Моите колеги судии сметаа тие притисоци и укажувања не се во целост во согласност со законот и судскиот деловник. Кај Претседателот на судот тогаш не постоеше воља за разговор, дијалог и одржување на колегиум со цел да се надмине проблемот. За ваквите состојби навреме и целосно беше запознат Судскиот совет на РМ, но очигледно Судскиот совет на РМ не ги искористи во доволна мера сите механизми како вистински арбитар за суштествено решавање на проблемот иако беше очигледно дека се работи за сериозно нарушени меѓучовечки односи.

До Судскиот совет на РМ во тој период, доставив повеќе известувања со барање да се најде начин и решение со кое би се надминала конфликтната состојба. Сметав и верував дека проблемот мора и може да се реши во рамките на судот и надлежните судски инстанци и од тие причини не почувстував потреба дека треба јавно да се проговори за проблемите во Судот.

Состојбата дополнително се усложни поради отворениот и јавен конфликт помеѓу Претседателот на Осовниот суд Скопје 1 и Претседателот на Врховниот суд во кој конфликт непотребно и без своја вина беа инволвирани судиите на Кривичниот суд. Ваквата состојба во јавноста беше представена како конфликт помеѓу судии блиски до Претседателот на Врховниот суд  на РМ Лидија Неделкова и Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски. Се делби и поделби на судии на “наши” и “ваши”,на ничии и сечии. И овој пат се маргинализираше суштината на проблемот кој привидно беше ставен во втор план и очекувано беше дека повторно ќе ескалира. Како поранешен адвокат и судија кој повеќе од две децении се занимава со правораздавањето, искуството ми дава за право да кажам дека ако некој претендира да биде Претседател на суд мора да биде свесен дека таа функција која  му е доверен има свој почеток и крај. По завршениот мандат ќе остане запаметен само по добрите или по лошите меѓучовечки односи во судот. Ако за ова не е свесен воопшто и не треба да се кандидира за Претседател на суд.

НЕОПХОДНА Е РЕАКЦИЈА НА СУДСКИ СОВЕТ

Фактор: Како ја коментирате изјавата на престедателот  на Основниот суд Скопје 1, Скопје Владимир Панчевски дека има судии – дуќанчиња, судии чешмички, алудирајќи на корумпирани колеги. Дали овии асоцијации и обвинувања  допираат и до Вас? 

Туфегџиќ: Со таа изјава дополнително се заострија веќе сложените односи и релации. Ваквата изјава, без оглед дали претседателот Панчевски мислел на сите или само на одделни судии во судот, предизвика реакција и кај мене и кај голем број на судии од Основниот суд 1. Тие очекувано и основано се почувствуваа навредени и поради тоа беше неопходна енергична реакција на Судскиот совет на РМ, како што тоа е сторено за петте судии на Управниот суд. Неговиот молк и апститенција од енергична реакција помеѓу колегите судии на Кривичниот суд се создаде мислење дека постојат двојни аршини во поглед на заштитата на судиите. До денес не добивме одговор со јасен став од Судскиот совет на РМ дали ја подржуваат или не изјавата на претседателот Панчевски.

Фактор: Дали конфронтирањето со Владимир Панчевски е предност или хендикеп  во битката за иден претседател на Кривичниот суд? Од кого сега ја црпите поддршката откако Лидија Неделкова како претседател на Врховниот суд и самата се наоѓа во реизборна постапка?

Туфегџиќ: Сметам дека кандидатот за претседател треба пред се со својот авторитет и кредбилитет да ужива доверба на мнозинството судии и судски службеници,односно да ја има довербата во Кривичниот суд. Со претседателот Панчевски немам никаква лична конфронтација. На професионален план можеби имаме различни ставови по одредени прашања, но никако не можат да се наречат конфронтации. Со оглед на новонастанатите околности со кои дополнително се усложнуваат состојбите во Кривичниот суд, а во кои се директно инволвирани двајцата мои противкандидати, размислувам да ја повлечам кандидатурата за прв човек на Кривичниот суд. Зависно од понатамошниот развој на настаните би било логично  Судскиот совет да ја поништи одлуката за избор на претседател на Кривичниот суд и да објави нов оглас за избор, кога ќе се создадат услови. Очекувам В.Д претседателот да ја врати работната атмосфера, толеранцијата, да ги нормализира и релаксира меѓучовечките односи внатре во Кривичниот суд со уважување на професионалниот и личен интегритет.     

Фактор: На едно советување со претседателот на Врховниот суд Лидија Неделкова,  рековте дека се соочувате со притисоци. Кој и на каков начин врши притисок  врз судиите?

Туфегџиќ: Кога говорев за притисоците пред се мислам на притисокот кој судиите и судската фела што го има од јавноста. Живееме во време кога транспарентноста и јавноста на судството се составен дел на судското секојдневие и затоа оценките во јавноста се неизбежни и основен репер по кој се мери довербата во судството и делителите на правда..

Фактор: Додека бевте истражен судија,  Вие како и значаен дел од судиите со леснотија ги прифаќавте  одлуките за одредување притвор. Дали  иницијативите на Специјалното јавно обвинителство за изрекување на мерки за претпазливост на осомничени од аферата „Прислушување“, е одбранбен механизам  на т.н „Сваровски судство“ ?

Туфегџиќ: Не би се согласил со вас дека со леснотија се определувани мерките притвор. Кон секој предмет по кој сум постапувал од одделот за организиран криминал и корупција се постапувало индивидуално и определените мерки притвор биле поединечно образложени во корелација со материјалните и вербални докази кои биле доставени и предочени на обвинетите и нивните бранители. Во секое решение со кое е определена мерка притвор во фаза на истрага било констатирано дека притворот се определува бидејќи до Судот, од страна на обвинетиот или неговиот бранител,  не било понудено соодветно обезбедување што би било доволна гаранција дека обвинетото лице нема да се даде во бекство и ќе се јавува на секоја покана на судот. По извршениот распит на записник е констатирано дали обвинетото лице има забелешки или е незадоволен од постапувањето на судијата или на постапката во целост. По однос на предметите по кои сум постапувал и доказите што биле приложени и денес би ги донел истите одлуки како и во времето кога сум постапувал. Немам ништо против за овие досиеа, ако се јави потреба, да бидат предмет на ревизија на домашните или меѓународни фактори.

Постапувањето на СЈО и барањата што се доставени по конкретни предмети треба да бидат во согласност со законот, но и во корелација со доказите со кои се располага.Секој судија ги брани своите одлуки и ја носи одговорноста. Затоа и не се согласувам да се генерализираат оценките бидејки судските одлуки ги носиме индивидуално дури и кога одлучуваме во совет од тројца или пет судии и треба да стоиме зад нив.

МОЖЕН Е ГЕНЕРАЛЕН РЕИЗБОР НА СУДИИТЕ

Фактор: Како гледате на идејата за нов генерален реизбор на судиите и дали ова би придонело во спречување на селективната правда и влијанието на Власта врз  правосудниот систем?

Туфегџиќ: Нов генерален реизбор на судии би можел да се направи доколку за тоа се донесе политичка одлука, но тоа подразбира измена на уставните и законските одредби кои се однесуваат на судството особено во делот на изборот и траењето на мандатот на избраните арбитри. Доколку се постигне политички концензус по ова прашање тогаш ќе мора да се смени и поставеноста и улогата,составот, надлежностите и начинот на избор на членовите на Судскиот совет на РМ. Во тој случај би требало да се размислува за поинаков состав на членовите на судскиот совет односно, по мое лично мислење, истиот би требало да биде составен според хрватскиот модел.Во судскиот совет на Хрватска има најмалку 4 судии на Врховниот суд на. Доколку тоа се случи неминовно се отвораат многу прашања - од нова поставеност и ингеренции и на претседателите на судовите, до начинот на нивниот избор односно. Тогаш поставеноста на претседателот на судот би требало да биде менаџерска, без негово учество како судија при одлучувањето во составот на кривичните совети за да се елиминира секакво влијание при одлучувањето. Така за претседател на суд би можел да се кандидира судија кој покрај општите и посебни услови воедно ужива авторитет и подршка на мнозинството судии пред се во базата односно во судот за кој се кандидира.

За мене лично е најбитно прашањето дали иамаме и која ќе биде единствена стратегија на судските реформи, спроведување на единствена политиката на судството, бидејќи сведоци сме дека во последните неколку дена клучните луѓе во правосудтсвото, тука пред се мислам на Председателот на Врховниот суд , Јавниот обвинител, Директорот на Академијата на судии и јавни обвинители, кои всушност треба да ја спроведат единствена политика на правосудството, имаат различни ставови и мислења по однос на извештајот на ЕК, постоењето на СЈО и други важни прашања кои се во контекст на имплементацијата на судските реформи и враќање на довербата на граѓаните во правната заштита.  

СПЕЦИЈАЛЕН СУД ТРЕБА ДА БИДЕ ПОЛИТИЧКА ОДЛУКА

Фактор: Дали мислите дека треба да се формира Специјален оддел во рамките на Кривичниот суд кој исклучиво ќе работи на случаите поврзани со аферата „Прислушување“?

Туфегџиќ: По однос на прашањето за формирање на специјален оддел во рамките на Кривичниот суд или Специјален суд, на мислење сум дека е дилема, која за разврска и решение бара политичка воља односно политичка одлука, како што впрочем е направено со формирањето на СЈО. Политичките чинители во РМ се тие кои треба да направат проценка за потребата за формирање на специјално судско оделение како што во основа направија проценка за потребата од формирањето на СЈО. Мислам дека кривичниот суд има доволно квалитетни судии за постапување по овие предмети но доколку со политичка воља се формира специјален оддел истото ќе мора да се почитува.

Фактор: Колку се издржани критиките дека власта и  полицијата монтирале кривични дела и дали во Македонија има политички затвореници ?

Туфегџиќ: Дали постоела спрега помеѓу власта и полицијата за конкретни предмети? Одговор на ова прашање треба да даде СЈО на кого впрочем му е доверено да ги испита прислушуваните телефонски разговори.Со оглед на тоа дека прислушуваните телефонски разговори се наоѓаат во СЈО,  јас за себе одговорно тврдам дека при моето постапување во конкретни предмети, од кои повеќето биле предмет на зголемен интерес на јавноста како што се “Пајажина“, “Монструм“, “Метастаза“, “Агент“, “Калдрма“ и други, не сум имал ниту еден телефонски повик ниту разговор со ниту едно лице кое било дел од владеачкиот политички естаблишмент во тоа време а во смисла на тоа да ми биде сугерирано како да постапам. Сметам дека критики, шпекулации и претпоставки на оваа тема ќе има се додека една кривична и судска постпака истото не добие конечна  разрешница.

Фактор: До пред еда година осомничените  во судовите влегуваа со лисици во придружба на голем број специјалци,  а од приведувањата се правеше медиумска помпа.  Со што Сашо Мијалков и Елизабета Камчевска Милевска заслужија „специјален третман“ за да влегуваат од службениот влез во Судот ?

Туфегџиќ: Судот не е место во кое може да се бара одговор на Вашето прашање од едноставна причина што начинот на приведување и доведување на осомничено лице пред суд не е во ингеренција и надлежност на судот туку на органот кој ја спроведува наредбата.Судот нема инструменти ниту надлежност со кои може да наложи како и на кој начин ќе бидат обезбедени и доведени осомничените лица пред судот бидејќи тоа е во надлежност на органот на кого му е доверена наредбата. Во минатото за многу мега предмети како што се говори во јавноста обвинетите се спроведувани од службениот влез на судот па во таа смисла тоа не го сметам за привилегија.

Фактор: Дали Скопскиот кривичен суд по 4-ти декември, ќе го води судијката Дијана Груевска Илиевска, заменичка на Панчевски која неодамна  изјави дека врз судиите не влијае никој од политичарите, туку само медиумите?

Туфегџиќ: Одлуката за тоа дали посочениот судија ќе го води судот по 4-ти декември ќе ја донесе судскиот совет на РМ.

Фактор: Вие соопштивте дека во истрагата за мистериозната смрт на Никола Младенов  не биле предвидени анализи на реализираните телефонски контакти. Зошто  не се следеше таа трага за сообраќајката на сопственикот на Фокус и  колку сте сигурно дека не се работи за негова ликвидација?

Истражната постапка за смртта на г-динот Никола Младенов не ја водев јас туку друг избран судија.Во тоа време јас бев судија-задолжен за односи со јавност и ги известував новинарите и јавноста за текот на истражната постапка и затоа можеби се стекна впечаток во јавноста дека јас постапувам по тој предмет.Сите детали до окончувањето на истажната постапка и се соопштени на јавноста и врз основа на расположивите и анализирани докази се заклучи дека во конкретниот случај се работи за несреќен случај.Од тогаш не ми е познато дека се доставени нови докази од кои би произлегла поинаква фактичка состојба.


Можеби ќе ве интересира

Г.Г.СТЕФАН: Што е можно побргу, да се освестиме и да се обединиме како народ

Г.Г.СТЕФАН: Што е можно побргу, да се освестиме и да се обединиме како народ

ПРИТВОР ОД ОСУМ ДЕНА: Kaвадарчанец спречил полицајци да фатат побегнат затвореник

ПРИТВОР ОД ОСУМ ДЕНА: Kaвадарчанец спречил полицајци да фатат побегнат затвореник

МОЈСОСКА: Апел до сите пратеници да се откажат од патните трошоци по примерот на Левица

МОЈСОСКА: Апел до сите пратеници да се откажат од патните трошоци по примерот на Левица

МИЦКОСКИ: Воскресението е потврда дека надежта секогаш ќе победи

МИЦКОСКИ: Воскресението е потврда дека надежта секогаш ќе победи

ПЕНДАРОВСКИ ГО ЧЕСТИТА ВЕЛИГДЕН: Да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество

ПЕНДАРОВСКИ ГО ЧЕСТИТА ВЕЛИГДЕН: Да се сплотиме околу визијата за хумано, праведно и просперитетно македонско општество

ЦУК: Имаше пожар во Домот за стари лица во Банско

ЦУК: Имаше пожар во Домот за стари лица во Банско

ВИСТИНСКИ РАЈ ЗА ОЧИ: Скопјанка во неколку техники украсува велигденски јајца

ВИСТИНСКИ РАЈ ЗА ОЧИ: Скопјанка во неколку техники украсува велигденски јајца

ПРОГНОЗА: Kaкво време ќе имаме денеска и следните денови?

ПРОГНОЗА: Kaкво време ќе имаме денеска и следните денови?

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ: Православните верници го слават Велигден

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ: Православните верници го слават Велигден