Кој губи повеќе од Брегзит, ЕУ или Британија?
Објавено во: Економија, Свет 24 Октомври, 2016
ЕУ губи 8 милијарди фунти годишно повеќе од Островот поради Брегзит.
Koмпаниите во земјите од Европската унија ќе губат годишно по 8 милијарди фунти или 9,7 милијарди долари повеќе отколку британскиот бизнис. Ова го пишува весникот „Тајмс", повикувајќи се на податоци на експертската група Civitas, пренесе ТАСС.
„Ние сме најважниот пазар за извозот на Европа. Никој во континентална Европа нема да добие од губењето на можноста да тргува со Велика Британија" - ги цитира весникот зборовите на британскиот министер за транспорт, Крис Грејлинг.
Министерот е убеден дека Велика Британија и ЕУ ќе го задржат режимот на слободна трговија и разумните трговски договори, бидејќи тоа одговара на заедничките интереси.
Најлошо сценарио значи Британија да ја напушти европската зона за слободна трговија и да сведе односите со Заедницата до обични трговски договори.
На 11 октомври „Тајмс" објави податоци според кои ако Велика Британија излезе од ЕУ преку ова хард сценарио, нејзината економија може да губи по 66 милијарди фунти (81 милијарди долари) годишно во форма на пропуштени даночни приходи, потсетува ТАСС.