28 Април, 2024
0.0397

Македонија и Бугарија потпишаа договор за иднината?

Објавено во: Македонија 02 Август, 2017

Добивај вести на Viber

Договор за иднината кој ќе го трасира патот кон стабилноста  на двете земји, но и на регионот вака премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов го окарактеризираа потпишувањето на договорот за добрососедство. Со највисоки државни и воени почести на платото пред Владата во Скопје, беше пречекан премиерот Бојко Борисов и членовите на државна делегација на Република Бугарија. Договорот е потпишан на официјалните јазици на договорените страни - македонски јазик согласно Уставот, и бугарски јазик согласно бугарскиот Устав, и двата текста имаат еднаква важност. На Договорот стојат потписите на премиерите Заев и Борисов.

Го докажавме она што го ветивме - дека сме Влада што бара решенија и решава проблеми, договорот е и порака до ЕУ за посветеноста кон Унијата, истакна премиерот Зоран Заев. Премиерот вели секој договор може да биде подобар, но овој е доволно добар за од него корист да имаат сите во земјава. 

„Ова наше пријателство и добрососедство е пример како долгогодишина кочница може да се претвори во мотор за соработка и поврзување на народите и за развој на регионот“, изјави по потпишувањето на договорот Зоран Заев.

Со слични пораки и Бојко Борисов - договорот со години не се потпиша, но тоа не ја однесе Македонија ниту во НАТО, ниту во ЕУ. Порачува дека економските придобивки ќе бидат значајни за двата народи, а токму тоа и го препозна Унијата со Коридорот 8 во Берлинскиот процес. Критики додава Борисов ќе има секогаш, тоа е демократија, но одговорна политика е да се работи за иднината, а иднината е во ЕУ, во добрососедството и соработката, заедништвото.

„Многу пати се тепаме за тоа кој е голем по територија и од војните дотеравме до тоа Балканот да се најде на листата на најзаостанати места, па ако сакате да се вратиме назад. Ние со колегата сакаме да одиме напред и да го достигнеме нивото на европските земји“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов. Заев побара поддршка и од опозицијата, додавајќи дека и нивниот придонес е огромен, а успехот ќе биде заеднички.

За заедничкото славење на празници

Бугарскиот премиер Бојко Борисов на новинарско прашање зошто Македонија и Бугарија да го слават заедно Илинден, кога не се иста држава одговори дека е подобро заеднички да ги славиме празниците, отколку да се тепаме, бидејќи тоа сме го правеле во минатото и резултатот е осиромашен и заостанат Балкан. 

„Зошто да не го празнуваме заедно, да се степаме тогаш ако сакате. Многу пати сме се тепале и сите сме големи. Голема Бугарија, Голема Албанија, Голема Србија, Голема Македонија. Со војните направивме Балканот да е најбедното и најзаостанато место на Европа. Ние со колегата сакаме да одиме напред и да го стигнеме рамништетото на Германија, Австрија, Холандија, Франција. Тој празник и ние го почитуваме, извинете што го празнуваме“, изјави Борисов.

ВМРО ДПМНЕ против договорот

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ заклучил дека и покрај големата желба и искрена волја, партијата нема да биде во можност да даде поддршка на овој договор во парламентот.

„Со сегашните одредби на овој договор, можеби не веднаш, но по една и повеќе години од неговото потпишување, Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми, чие решавање ќе биде на нејзина штета. ВМРО-ДПМНЕ под вакви услови не сака да ја споделува одговорноста која СДСМ ќе ја има пред граѓаните на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ жали што двете преговарачки страни одлучија набрзина да се склучи овој договор, без инклузивност на сите политички фактори и стручната фела и неземајќи ја предвид волјата на македонскиот народ, а со тоа ставајќи ја ВМРО-ДПМНЕ во позиција да не го поддржи договорот“, соопшти партијата.

ЕУ и Германија го поздравија потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Бугарија

Во заедничка изјава на Федерика Могерини која е задолжена за надворешната политика на ЕУ и на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, порачуваат дека договорот е инспирација за целиот регион.

„Овој договор ја покажува определбата на двете страни за надминување на билатералните прашања и претставува инспирација за целиот регион. Тоа е позитивен чекор напред во добрососедските односи и ја зголемува ЕУ перспективата за поранешната југословенска Република Македонија во интерес на нејзините граѓани“, стои во заедничката изјава на Могерини и Хан.

Министерот за надворешни работи на Германија Зигмар Габриел порача дека двете земји потпишале историски договор за добрососедство.

„Го поздравувам тоа што по многу години безуспешни преговори се најде консензуално решение на отворените прашања. Вреди да се напомене дека ова потпишување успеа да се спроведе за помалку од два месеци од инаугурацијата на новата македонска Влада. Убеден сум дека новата Влада во Скопје ќе продолжи да го спроведува овој вид на конструктивна соработка консеквентно со сите соседи“, изјави Габриел.

Договорот со Бугарија, македонската влада го стави на својата веб страница.

Еве што предвидува договорот со Бугарија за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија

Почитувајќи ги принципите на Повелбата на Обединетите нации и документите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, како и демократските принципи содржани во актите на Советот на Европа,
Се договорија за следново:

Член 1

Двете Договорни страни ќе развиваат сестрани односи помеѓу себе во согласност со основните принципи на меѓународното право и добрососедството.

Член 2

Двете Договорни страни ќе соработуваат во рамките на Обединетите нации, Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Советот на Европа и други меѓународни организации и форуми. Двете Договорни страни ќе ја развиваат соработката помеѓу себе во областа на европската и евроатлантската интеграција, насочена кон успешна подготовка на Република Македонија за нејзиното пристапување кон Европската Унија и НАТО. Бугарската страна ќе го сподели своето искуство со цел да и помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија и ќе ја поддржи Република Македонија за добивање на покана за членство во НАТО согласно соодветните одлуки од средбите на врвот на НАТО.

Член 3

Двете Договорни страни ќе помагаат за развој на соработката меѓу државите од Југоисточна Европа, за зајакнување на разбирањето, мирот и стабилноста во регионот и при реализацијата на регионални проекти, како дел од процесот за создавање на единствена Европа.

Член 4

1. Двете Договорни страни ќе одржуваат контакти и ќе остваруваат средби меѓу претставници на органите на државната власт на различни нивоа за развој на пријателските односи и соработката.

2. Двете Договорни страни ќе помагаат за одржување на контактите меѓу локалните власти и граѓаните на двете Договорни страни.

Член 5

Имајќи ја предвид нивната географска блискост, двете Договорни страни ќе се стремат да создаваат неопходни правни, економски, финансиски и трговски услови за обезбедување на најшироко можно движење на стоки, услуги и капитал. Тие ќе ги поттикнуваат заедничките инвестиции и ќе обезбедат нивна заштита.

Член 6

Двете Договорни страни ќе го поддржуваат зголемувањето на туристичката размена, како и развојот на соодветни форми на соработка во областа на туризмот.

Член 7

1. Двете Договорни страни ќе ги прошируваат и усовршуваат транспортните врски и комуникациите меѓу нив, вклучително во рамките на регионалните инфраструктурни проекти.

2. Двете Договорни страни ќе се стремат кон олеснување на царинските и граничните формалности за патниците и стоките, кои се движат меѓу нив.

Член 8

1. Двете Договорни страни ќе ја поттикнуваат активната и непречена соработка во областа на културата, образованието, здравството, социјалната грижа и спортот.

2. Во рок најдоцна до три месеци од влегувањето во сила на овој договор, со цел продлабочување на заемната доверба, двете Договорни страни ќе формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, за да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Комисијата ќе поднесува едногодишен извештај за својата работа пред владите на Договорните страни.

3. Двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности.

Член 9

Двете Договорни страни ќе прават напори за слободно распространување на информации, преку поттикнување и развивање на соработката во областа на средствата за јавно информирање со искористување на можностите на современите информативни средства. Тие ќе се ангажираат во заштитата на авторските и интелектуалните права на творците од двете земји.

Член 10

Двете Договорни страни ќе ја унапредуваат соработката во правната и конзуларната област и поконкретно во областа на граѓанските, казнените и административните прашања, како и за решавање на хуманитарните и социјалните проблеми на нивните граѓани.

Член 11

1. Ниту една од Договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејствија, насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер.

2. Ниту една од Договорните страни нема да дозволи нејзината територија да биде искористена против другата од организации и групи, кои имаат за цел извршување на субверзивни, сепаратистички дејствија и дејствија кои се закана за мирот и безбедноста на другата Договорна страна.

3. Двете Договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга.

4. Секоја од Договорните страни има право да ги заштитува правата и интересите на своите државјани, на територијата на другата Договорна страна, во согласност со меѓународното право.

5. Република Македонија потврдува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија, со цел заштита на статусот и правата на лица што не се државјани на Република Македонија.

6. Двете Договорни страни ќе преземаат ефикасни мерки за спречување на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе обесхрабруваат дејности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични дејствија, кои би им наштетиле на нивните односи.

Член 12

1. Во рок од три месеци од влегувањето во сила на овој Договор, двете Договорни страни ќе основаат Заедничка меѓувладина комисија. Комисијата се копретседава од Министрите за надворешни работи на двете Договорни страни и вклучува високи официјални претставници на двете Договорни страни.

2. Заедничката меѓувладина комисија ќе одржува редовни средби еднаш годишно, со цел преглед на ефективната примена на овој Договор, примена на мерки за подобрување на билатералната соработка, како и решавање на прашања, кои се појавиле за време на исполнувањето на Договорот. Секоја од Договорните страни може, по потреба, да предложи организирање на дополнителни средби на Заедничката меѓувладина комисија.

Член 13

1. Овој Договор подлежи на ратификација согласно уставните барања на Договорните страни. Овој Договор влегува во сила на датумот на размената на ратификационите инструменти на двете Договорни страни и останува во сила за неопределен временски период.

2. Овој Договор може да биде изменет со писмена согласност меѓу двете Договорни страни. Измените се договараат по дипломатски пат и влегуваат во сила во согласност со став 1 од овој член.

3. Секоја Договорна страна може да го раскине Договорот со испраќање на писмено известување до другата Договорна страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по датумот на приемот на ваквото известување.

Член 14

Овој Договор, на никаков начин, нема да биде толкуван така што ќе противречи на билатералните и мултилатералните договори, чии страни се Договорните страни

Потпишани и други договори

Инаку, освен договорот  за добрососедство беа потпишани и два меморандума за изгардба на железницата со Бугарија и за соработка во областа со природниот гас. Борисов предводеше бројна државна делегација, министрите од неговата Влада имаа состаноци со министрите на Заев.

Р.Ф

Можеби ќе ве интересира

ВИСОК Е 63 И ПОЛ МЕТРИ И Е ВТОР ПО ГОЛЕМИНА КРСТ ВО ДРЖАВАТА - в очи на Велигден осветен крстот во Драчево

ВИСОК Е 63 И ПОЛ МЕТРИ И Е ВТОР ПО ГОЛЕМИНА КРСТ ВО ДРЖАВАТА - в очи на Велигден осветен крстот во Драчево

Крмов од Велес: Велешани ја препознаваат Левица како единствена опција која потекнува од народот ​​​​

Крмов од Велес: Велешани ја препознаваат Левица како единствена опција која потекнува од народот ​​​​

ИМА НЕДВИЖЕН ИМОТ НА СВОЕ ИМЕ, ДОСЕГА Е НЕОСУДУВАН... - од Врховен суд ги изнесоа причините зошто не треба затворски притвор за таткото на Вања

ИМА НЕДВИЖЕН ИМОТ НА СВОЕ ИМЕ, ДОСЕГА Е НЕОСУДУВАН... - од Врховен суд ги изнесоа причините зошто не треба затворски притвор за таткото на Вања

„АКО СЕ БИДЕ ВО РЕД, ВО ИДНАТА ВЛАДА ЌЕ БИДАТ ЗАЕДНО ВМРО-ДПМНЕ И ЗНАМ“ - новинарот Латас со прогноза

„АКО СЕ БИДЕ ВО РЕД, ВО ИДНАТА ВЛАДА ЌЕ БИДАТ ЗАЕДНО ВМРО-ДПМНЕ И ЗНАМ“ - новинарот Латас со прогноза

Левица во Битола оддаде почит на загинатите бранители во Вејце

Левица во Битола оддаде почит на загинатите бранители во Вејце

ЛУКАРЕВСКА: Вредностите секогаш не обединувале, и кога било најтешко и кога е најважно, да не го потцениме моментот, сега е најважно

ЛУКАРЕВСКА: Вредностите секогаш не обединувале, и кога било најтешко и кога е најважно, да не го потцениме моментот, сега е најважно

ЧУДНИ РАБОТИ СЕ СЛУЧУВААТ ВО ОХРИД - скопјанец однесен во болница повреден со остар предмет, но рекол дека се самоповредил!?

ЧУДНИ РАБОТИ СЕ СЛУЧУВААТ ВО ОХРИД - скопјанец однесен во болница повреден со остар предмет, но рекол дека се самоповредил!?

ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ: Бидејќи Еди Рама го прогласи Али Ахмети за „пионер на Отворен Балкан“, и Белград да го прогласи за почесен граѓанин

ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ: Бидејќи Еди Рама го прогласи Али Ахмети за „пионер на Отворен Балкан“, и Белград да го прогласи за почесен граѓанин

БОКИ 13 ВЕРЕН НА СВОЈОТ СТИЛ, СЕ ПОЈАВИ ВО СКАПА ОБЛЕКА И ПОСАКА УБАВ ДЕН - „отсекогаш сум ги сакал сончевите неделни утра“

БОКИ 13 ВЕРЕН НА СВОЈОТ СТИЛ, СЕ ПОЈАВИ ВО СКАПА ОБЛЕКА И ПОСАКА УБАВ ДЕН - „отсекогаш сум ги сакал сончевите неделни утра“