САКАЛ ДА ЈА УБИЕ ВО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА ВО ВЕЛЕС, жена сведок нападната пред полицајците каде дошла да сведочи за кршење чаши
Објавено во: Македонија 22 Октомври, 2022
Велешанец доби притвор и се соочува со обвинение за обид за убиство откако во полициската станица во Велес се обидел да убие жена која била повикана како сведок на претходен настан.
- Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 26-годишен велешанец, осомничен за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик - соопштуваат од ОЈО.
Велешанецот на 17 октомври, во полициска станица во Велес се обидел да ја убие жената која била повикана како сведок за претходен настан во населбата Речани, каде осомничениот кршел чаши во игротека.
Тој под дејство на алкохол од 1,41 промили во крвта во полициската станица ја фатил за коса оштетената, ја повлекол и на вратот ѝ ставил нож кој го извадил од јакната.
Според ОЈО, на ова веднаш реагирале полициски службеници и други сведоци на настанот кои успеале да го совладаат, да му го одземат ножот и да го спречат во намерата.
- Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основен суд Велес достави предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот, па на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена - се наведува во соопштението.