ВРАБОТЕН НА КЛИНИКАТА ЗА ОНКОЛОГИЈА БАРАЛ МИТО ОД ПАЦИЕНТКА, за препишана терапија изнудувал награда за себе
Објавено во: Македонија 22 Октомври, 2022
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) на 21.10.2022 до Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против К.У.(24) од Дебар, за сторено кривично дело „примање поткуп“, предвидено и казниво по член 357 од Кривичниот законик.
- К.У., вработен во Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија-Скопје, постапувајќи во рамките на своите службени овластувања, за да издаде терапија од аптеката на клиниката за пациентка, по издаден медицински извештај од лекар од клиниката за месеците септември и октомври 2022 година, побарал парична награда - поткуп во износ од 100 евра и истите ги примил на средба со пациентката на 21.10.2022 пред влезот на клиниката - соопштува МВР.
Од МВР додаваат дека исто така, претходно, во месец август 2022, со намера да се стекне со противправна имотна корист за себе по издадена терапија на пациентот, побарал и примил од истата пациентка парична награда во износ од 50 евра.
- По пријавување на случајот од страна на пациентката во ОСОСК, преземени се мерки и активности и на 21.10.2022, на средба помеѓу нив двајца пред задниот влез на клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје, откако истиот ѝ ги побарал паричните средства за две последователни терапии, пациентката му ја дала паричната награда - банкнота во апоен од 100 евра, по што истиот е лишен од слобода и при извршен преглед во полициска станица, кај него е пронајдена банкнотата во апоен од 100 евра - појаснуваат од МВР.