07 Мај, 2024
0.0240

ЗА ТОЈ ШТО КУПУВА Е СКАПО, ЗА ОНОЈ ШТО ПРОДАВА Е ЕВТИНО: Граѓаните се ценкаат на пазарите за да заштедат

Објавено во: Економија, Агробизнис 21 Август, 2023

Добивај вести на Viber

На социјалните мрежи од граѓаните има поплаки дека овошјето и зеленчукот оваа година се скапи. Но, со оваа теза не се согласуваат оние кои продаваат на зелените пазари. Тие велат дека тоа се реални цени за да можат да опстанат.

Трговците и земјоделците кои продаваат на тезгите на пазар забележале дека сега граѓаните почесто се ценкаат за да заштедат. Велат дека тоа е последица на беспарицата, но и на менталитетот. Ценкањето не носи некоја голема заштеда, но граѓаните го ценат секој денар.

„Тоа е навика и немање пари. И нас нè чини, тезга, ѓубриво, нафта, а маката плус, тоа никој не ни го признава, високи температури, помалку род. Има луѓе кои ќе поминат, ќе кажат дека е скапо и заминуваат. Купувачот се обидува да се ценка, па сега ако успее добро, ако не пак добро. Ако му кажам цена од 80 денари, прашува дали може за 70 денари и за 10 денари се враќа и прифаќа да купи. Тој си прави математика, овде 10, онде 10 денари за да заштеди. Но, има и богати луѓе кои се ценкаат“, вели кумановка која неколку години продава на Зелен пазар.

Друга повозрасна жена објаснува дека пред 10 или 15 години ценкањето било реткост.

„Порано не се ценкаа. Јас сум 30 години на тезга. Немањето пари е фактор. Немаат пари и се ценкаат. Пред 15 години, купувачите доаѓаа и кажуваа од кој производ колку ќе земат, за пари не прашуваа“, рече Ленка Андонова, трговец.

Пазарџиите тврдат дека попуштаат ако некој зема поголема количина домати, пиперки или ако знаат дека купувачот навистина е финансиски загрозен, затоа што во помалите градови луѓето познаваат голем дел од своите сограѓани.

„Луѓето се бунат, велат дека им е скапо. Кој има пари не се ценка, кој нема се ценка. Ако видиме дека човекот навистина нема пари, правиме попуст. Гледаме некако да помогнеме“, вели Фатмир, трговец.

Некои граѓани се ценкаат, а други се срамат да го прават истото.

„Срам ми е, непријатно ми е. Секој си има цена на производот, толку чини и затоа ја ставил. Јас мислам дека има нешто и од сиромаштијата, но и до менталитетот е. Што ќе заштедиш со 10 денари? Или пак може да се обидеш да се ценкаш, а да не ја спушти цената и што ќе добиеш со тоа? Ако земаш 10 килограми домати, може да ти попушти, да биде поевтино, ама за еден килограм, тешко“, рече Роза Арсовска, граѓанка.

Друга пензионерка вели дека ако не се ценка, нема да може да го помине месецот.

„За некои работи се ценкам. Попуштаат трговците. Во маркет нема ценкање, освен ако има некој производ поевтин на акција пред истек на рок. Со 15.000 денари како ќе го поминеш месецот?“, рече Савета Петковска, пензионерка.

Цените на земјоделските производи се повисоки од лани. Наскоро е можно да имаме поскапување на лебот, а сточарите велат дека млечните производи ќе поскапат за 30 отсто. 

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Можеби ќе ве интересира

КЕЛНЕРИ ВО ХРВАТСКА: Реална ли е платата од 2.000 евра?

КЕЛНЕРИ ВО ХРВАТСКА: Реална ли е платата од 2.000 евра?

СУША ВО ВИЕТНАМ: Кафето ќе поскапува

СУША ВО ВИЕТНАМ: Кафето ќе поскапува

НЕВРАБОТЕНОСТ ВО ЕУ: Koи земји се со најниска стапка?

НЕВРАБОТЕНОСТ ВО ЕУ: Koи земји се со најниска стапка?

РАСТАТ ЦЕНИТЕ И ВО УГОСТИТЕЛСТВОТО - најмногу поскапеле ноќевањата, но и храната во рестораните

РАСТАТ ЦЕНИТЕ И ВО УГОСТИТЕЛСТВОТО - најмногу поскапеле ноќевањата, но и храната во рестораните

САМИТ НА МАКЕДОНИЈА2025 НА 15 И 16 МАЈ – ФОКУС НА ИНИЦИРАЊЕ ПРОМЕНИ И ИНОВАЦИИ ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

САМИТ НА МАКЕДОНИЈА2025 НА 15 И 16 МАЈ – ФОКУС НА ИНИЦИРАЊЕ ПРОМЕНИ И ИНОВАЦИИ ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

НАЈБОГАТИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ ИМ ОБЈАВИ ВОЈНА НА ГИГАНТИТЕ СО КАРТИЧКИ: Доста е!

НАЈБОГАТИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ ИМ ОБЈАВИ ВОЈНА НА ГИГАНТИТЕ СО КАРТИЧКИ: Доста е!

ИНФЛАЦИЈАТА ПОВТОРНО ВИСОКА - на годишно ниво е забележан раст од 4 проценти, еве каде има најголемо поскапување

ИНФЛАЦИЈАТА ПОВТОРНО ВИСОКА - на годишно ниво е забележан раст од 4 проценти, еве каде има најголемо поскапување

КОЈ Е ЧОВЕКОТ ШТО ЌЕ ГО НАСЛЕДИ ПОЗНАТИОТ ВОРЕН БАФЕТ - тој е навистина тежок шеф кој ви ги проверува сите бројки

КОЈ Е ЧОВЕКОТ ШТО ЌЕ ГО НАСЛЕДИ ПОЗНАТИОТ ВОРЕН БАФЕТ - тој е навистина тежок шеф кој ви ги проверува сите бројки

„ГОЛЕМА ЧЕСТ ЗА НАШАТА ЗЕМЈА“: Брнабиќ ја нарече историска посетата на Кси Џинпинг, еве што кажа за соработката

„ГОЛЕМА ЧЕСТ ЗА НАШАТА ЗЕМЈА“: Брнабиќ ја нарече историска посетата на Кси Џинпинг, еве што кажа за соработката