Ад-хок телото за еден ден поведе постапка и против ТВ Нова
Објавено во: Македонија 30 Септември, 2016
Ад-хок телото за надзор на медиуми во еден ден има полни раце работа бидејќи покрај Сител започна постапка за неизбалансираност во известувањето и против телевизија Нова која зрачи една година во етерот. Како и за предлогот за покренување на постапка во ААВМУ против Сител најавено е издвоено мислење од страна на членовите кои гласале против, а истите се предложени од владејачката ВМРО-ДПМНЕ кои посочија дека телото работи под директен притисок на опозицијата.
Предлогот е даден од страна на Горан Трпеноски, за гласаа членовите Љубомир Костовски и Љуљзим Хазири, а против беше членот Цветин Чилиманов. Тие сметаат дека прекршен е членот 75, став 1 од Изборниот Законик. Во образложението се вели дека „се забележува негативно врамување на одредени личности и континуирано известување со позитивна рамка и позитивен тон за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и за носителите на власта.
Најпроблематична била дебатата на министерот за финансии и неговиот заменик Кире Наумов во емисијата „Отворено“ при што забележано е навивачко однесување на водителката во полза на функционерот на власта, како и издвојување на негови изјави во кајронот, а против претставникот на опозицијата.
Телевизија Нова се правда дека СДСМ систематски не ги информирала за партиските активности, одбила интервју со лидерот Зоран Заев и не обезбедувала свои учесници во информативните и дебатните емисии на телевизија Нова, што директно влијаело телевизијата да не може во целост да ги претставува партиските ставови.