Ахмети: Преку одржување на веродостојни избори до крај на кризата
Објавено во: Македонија 03 Октомври, 2016
Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети денеска во Скопје се сретна со специјалниот претставник на Парламентарното Собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа, Роберто Батели и неговите соработници.
Ахмети го потенцираше значењето на ставањето крај на политичката криза во земјата преку одржување сеопфатни, веродостојни и демократски избори. Тој се осврна и на потребата за враќање на евроатлантската и реформска агенда од страна на Владата по изборите и истакна дека ДУИ е партнер на меѓународната заедница во постигнување на заедничката цел.
Батели го потенцираше придонесот на лидерот на ДУИ, Ахмети за постигнувањето на политичкиот договор и стабилизирањето на ситуацијата во Македонија, информираат од ДУИ.
Македонија има потреба за стабилни институции кои ќе дејствуваат во спроведувањето на сите реформи и ќе работат кон решавање на името, интеграција на земјата во НАТО и отворањето на преговорите за членство во Европската унија затоа што само оваа агенда обезбедува добри меѓуетнички односи, благосостојба и економски развој, наведуваат од партијата.