Добивај вести на Viber
Иако не беа на денешното потпишување во Будва, Албанија и Турција набрзо би можеле да се приклучат кон балканската иницијатива за намалување на цените во роаминг што ја потпишаа Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина.
Овие две земји требаше да бидат дел од иницијативата, но не успеале на време да ги завршат внатрешните процедури за да го потпишат документот.
„Оваа спогодба останува отворена и за други земји. Претставниците на Албанија и Турција денеска не се тука, затоа што не ги завршија своите внатрешни процедури за да имаат овластувања да потпишат една ваква спогодба, но очекуваме и тие да ни се приклучат“, вели српскиот вицепремиер Расим Љајиќ.
Со документот што денеска го потпишаа четири балкански земји, цените на роаминг услугите ќе се изедначат со оние предвидени во Директивата на ЕУ, со која се предвидуваат цените за оваа услуга во земјите-членки на ЕУ.
Потписничките на иницијативата во Будва се договориле и уште еднаш да се обратат до Унијата со барање единствените цени за роаминг во ЕУ да важат и во овие четири земји. Брисел еднаш претходно го одби ова барање, со образложение дека овие земји уште не се членки на Унијата за да ги користат тие погодности.