Американски експерти за безбедност: Македонија е во опасност од тероризам
Стабилизацијата на Балканот е од голем интерес за САД. Лидери како Владимир Путин и некои регионални играчи би сакале да видат дестабилизација на ова подрачје, велат експертите
Објавено во: Македонија 07 Октомври, 2016
Спенсер Бојер од Националниот совет за безбедност на САД изјавил дека БиХ, Косово, Македонја и Албанија се земји кои се особено нестабилни и чуствителни на тероризам, а извршниот директор за актуелни светски прашања при САИС, Едвард Џозеф смета дека луѓе како Милорад Додик се проблем бидејќи континуирано ја дестабилизираат БиХ.
Ова го истакнале на панелот за екстремизам на Западен Балкан, кој е одржан во Центарот за трансатлантски односи САИС при универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон, каде учествувале експерти за безбедност и познавачи на ситуацијата на Балканот.
Бојер, кој беше заменик за безбедност за американскиот државен секретар во Националниот совет за безбедност, рекол дека „земји како БиХ, Косово, Македонија и Албанија се ризични особено ако се има во предвид дека социоекономскиот фактор е предуслов за радикализација“.
Поради тоа, како што рекол, тука има голем број на таканаречени странски борци по глава на жител.
„Радикалниот екстремизам може да предизвика институционални проблеми и да поттикне етнички тензии. Стабилизацијата на Балканот е од голем интерес за САД. Лидери како Владимир Путин и некои регионални играчи би сакале да видат дестабилизација на ова подрачје. Од друга страна, добро е земјите од Западен Балкан да го третираат овој проблем многу посериозно“, рекол тој, пренесува сараевски Аваз.