Антикорупциска ќе истражи дали има непотизам во случаите кои ја „зовреа“ јавноста
Објавено во: Македонија 13 Февруари, 2019
Ќе се проверува дали има непотизам во одредени вработувања кои деновиве беа актуелни во јавноста.
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ќе отвори постапки за непотизам за последните вработувања на роднини блиски до функционери. Претседателката Билјана Ивановска на денешната прва седница на Комисијата, рече дека досега до нив не е стигната ниту една преставка
„Досега не е стигната преставка, меѓутоа законот нас ни отвара врата да можеме ние по сопствена иницијатива тоа да го истражуваме и ние тоа ќе го направиме, ќе побараме да ни ја достават целосната документација за спроведените постапки за вработувањата“, рече Ивановска.
Ќе побараат целосна документација за вработувањата и по анализите, ќе ја известат јавноста.Ивановска смета дека институциите треба да ги зголемат контролите, да ги утврдат процедурите за избор на кандидати, и критериумите што ќе обезбедат вредност.
Таа додаде дека предмет на истрага ќе бидат и случаите поврзани со последниот скандал со програмата за финансирање на кутурни настани на Министерството за култура, како и државната поддршка за фирми од Фондот за иновации.
На социјалните мрежи „врие“ поради сите вработувања на роднини на функционери и пратеници кои испливаа во јавноста и побудија сомнеж околу транспарентноста.