Апасиев се пријави сам, но кои Македонци веќе се наоѓаат на црната листа на САД?
Објавено во: Македонија 10 Јуни, 2021
САД се уште не најавуваат нови имиња опфатени со извршната наредба, иако претседателот Џо Бајден донесе извршна наредба за замрзнување имот и забрана за влез во таа земја на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан.
Овие санкции ќе се однесуваат и на оние поединци кои ја попречуваат имплементацијата на Договорот од Преспа од 2018 година, и Охридскиот рамковен договор од 2001 година. Декретот ќе важи и за лица кои директно или индиректно се вклучени во корупција, злоупотреба на јавни фондови, поткуп и слично.
Засега единствено од македонските политичари се пријави доброволно лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Како што е познато, Апасиев е жесток противник на Преспанскиот дпоговор, со кој беше сменето уставното име на државава во Република Северна Македонија.
Во моментов на листата на санкции на Одделот за финансии на САД се наоѓаат Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.
Треба да се напомене дека повеќето од нив се најдоа на оваа листа уште за време на поранешните американски претседатели Бил Клинтон и Џорџ Буш помладиот. Новата извршна наредба на Бајден за Западен Балкан е надополнување на извршните наредби на претходните претседатели.