Добивај вести на Viber
Австриската компанија АСА Интернешенал нема да добие дозвола за регионалната депонија во југоисточниот дел на Македонија, иако пред речиси три години го доби тендерот.
Општините од овој регион одбиле да потпишат договор со кој управувањето со отпадот ќе им го доверат на Австријците, затоа што понудените цени им биле неприфатливи.
Од партијата ДОМ ваквото однесување на општините го сметаат за несериозно и предупредуваат дека последиците од оваа одлука можат да бидат и меѓународна тужба против Македонија.
„Ова покажува дека управувањето со отпад во земјава е жртва на локални игри и интереси. Ако им била потребна владина поддршка за решавање на старите диви депонии, за да дојдат до пониска цена за ѓубрарина, требало тоа да го кажат на почетокот и да издејствуваат грантови кои постојат за таа намена, а не да го пролонгираат процесот во стилот сакам-нејќам“, вели Лилјана Поповска од ДОМ.
Според оваа партија, поради несериозност на општините поништен е и огласто за депонија во Полошкиот регион. Компанијата АСА Интернешнл се натпреваруваше и на тендерот за концесијата над скопската депонија „Дрисла“. Нивната понуда помина во првата фаза, но не и во втората кога тие беа дискфалификувани.
Заради тендерот на кој победи италијанската ФЦЛ амбиенте, второрангираната германска компанија Шолц најави тужба за Градот Скопје. Претставници на АСА Интернешенал тогаш изјавуваа дека не сакаат да тужат за да не си ги загрозат преговорите за депонијата на југоистокот.