Добивај вести на Viber
Започна реконструкцијата на автопатската делница Велес - Катланово, долга 23 километри, за која ќе бидат издвоени 5,5 милиони евра. По бројот на дневно поминати возила, оваа делница е една од најфреквентните во земјава, особено сега во екот на туристичката сезона. Со оглед на тоа што е дел од Коридорот 10, по неа поминуваат македонските граѓани, но и многу странски државјани на поминување од други туристички дестинации.
„Целокупната инвестиција за рехабилитација на овој пат ќе изнесува преку 5,6 милиони евра и истата предвидува поставување на целосна нова асфалтна подлога, нова хоризонтална и вертикална сигнализација, нови мрежи за одрони“, рече премиерот Никола Груевски, кој денеска присуствуваше на почетокот на обновата на автопатот.
Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, 85 проценти се средства обезбедени преку гранд од ИПА копонентата, а 15 проценти се од Буџетот на РМ. Веќе извесно време, на овој потег се санираат и 13-те моста на потегот од Велес до Катланово и тие активности ќе продолжат паралелно.
„Се наоѓаме во екот на едeн инвестициски циклус кој што вкупно надминува една милијарда евра од кои 790 милиони евра се само зa трите главни автопати тоа се завршување на автопатот Демир Kапија - Смоквица од Коридор 10 како и двата други од Миладиновци до Штип и Кичево до Охрид“, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Иако градежните работи на автопатот се веќе во полн ек, токму на оваа делница се плаќа највисока патарина - цели 80 денари.
Во 2006 година, кога слични градежни зафати се изведуваа на автопатот во спротивна насока, од Петровец до Велес, оваа патарина не се наплаќаше. Ваква одлука донесе тогашната Влада, поради санација на мостовите на јужната делница, откако ги зеде предвид поплаките и критиките на граѓаните за условите за возење на овој автопат.