Добивај вести на Viber
Наследени проблеми и обврски се причината заради која основното училиште „Григор Прличев“ и ЈП „Билјанини извори“ останаа без струја, објаснува градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
Според него, локалната самоуправа се обидува да го реши проблемот и има обезбедено средства да го подмири долгот за струја на ОУ „Григор Прличев“ во висина од над половина милион денари, но пречка претставува блокираната жиро сметка на училиштето поради долг од 8 милиони денари по основ на експропријација на земјиште од 1989 година.
„Ние тие средства ќе можеме да ги исплатиме кога ќе биде одблокирана жиро сметката на училиштето. За разлика од минатато раководство ние на овој сериозен проблем кој се провлекува 25 години пристапивме многу поодговорно. Меѓу другото стапивме во контакт со доверителите и со нивниот адвокатски тим се со цел да изнајдеме заеднички прифатливо решение, со кое што ќе овозможиме сметката на ОУ „Григор Прличев“ да биде одблокирана и веднаш потоа ние да ги трансферираме парите кон ова училиште, а тоа да ги подмири долговите кон ЕВН Македонија“, вели Бакрачески.
Опозицискиот СДСМ денеска ја обвини локалната самоуправа во Охрид дека е одговорна за настанатата ситуација и дека наместо да ги решава ги зголемува проблемите во образованието. Опозиционерите наведуваат дека со предвидениот ребаланс на буџетот на општината се кратат средствата за комунални и режиски трошоци за 37% во основните и 13% во средните училишта.