Добивај вести на Viber
Сите патници од жичарницата на Водно се безбедно симнати, потврди директорот на ЈСП Скопје Мишо Николов. Патниците останале заробени во кабините на жичарницата 15-тина минути, откако заради невремето снема струја и жичарницата престана да работи.
Службите на ЈСП-Скопје веднаш започнале со постапката за префрлање на агрегат, по што набрзо целиот систем бил ставен во функција.
„И порано имало вакви застои и секогаш се применува процедурата за префрлање на агрегат. Тоа вообичаено трае 15-тина минути“, рече Николов.
Во моментот на прекинот кабините биле полни, затоа што голем број граѓани побрзале да се симнат од Водно заради лошото време. ЈСП Скопје организираше и автобуси за да ги превезе до градот граѓаните кои без автомобили се затекнаа на Водно за време на невремето.