Добивај вести на Viber
Здружението на граѓани „За нас се работи“ од Битола за утре организира протест во овој град заради загадувањето на воздухот. Протестниот марш се организира преку Фејсбук групата „Битола сака чист воздух“ која што брои околу 11.600 члена.
Протестот е планиран за утревечер, како пандан на сите манифестации што денес ги организира Општината, по повод Денот на ослободувањето на градот.
„Далеку се од нас причините за празнување и закитување со признанија“, им порача Здружението на властите и на централно и на локално ниво, од кои категорично бара во централното градско подрачје конечно да биде инсталирана мерна станица која ќе го регистрира аерозагадувањето, како и строго санкционирање на сите поголеми загадувачи.
ВМРО-ДПМНЕ го призна загадувањето на воздухот во Битола, после многу алармирања од страна на СДСМ, порача денеска претседателот на Општинската организација (ОО) на СДСМ во Битола, Васко Ковачевски. Од опозициската партија наведуваат дека на последната собраниска седница за пратенички прашања, битолскиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски му поставил прашање на заменик-министерот за животна средина: Дали и кога ќе биде ставена во функција мерната станица која веќе подолг период не работи?
„ВМРО-ДПМНЕ се сети да праша за она што СДСМ и коалициските партнери веќе подолг период алармираме, апелираме и неколку наврати предлагаме конкретни мерки и активности. Тогаш, Зоран Илиоски од комотната фотелја на Координатор на Општинскиот комитет во Битола, и како член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ убедуваше дека само без причина ја плашиме јавноста и дека ситуацијата со загадениот воздух не е критична. Во меѓувреме, Илиоски стана пратеник па согласно со новата улога го смени и мислењето. Од скептик се претвори во загрижен битолчанец кој како и сите други бара одговор на прашањата кои досега самиот тој требаше и мораше да ги одговори“, вели Ковачевски.