29 Март, 2024
0.0253

Четврт век од (рас)падот на СССР- повеќе шок отколку терапија

Објавено во: Колумни 09 Декември, 2016

Добивај вести на Viber

Пред 25 години на 8 декември во 1991 година во Беловешката шума во Белорусија,  во една резиденција, тројца лидери ставија потписи на документот кој значешедефинитивен (рас)пад на СоветскиотСојуз. Претседателите на братските републики Русија, Украина и претседателот на Врховниот совет на Белорусија, Борис Елцин, Леонид Кравчук и Станислав Шушкевич, со своите потписи констатираа дека 

„…Сојузот на ССР, како субјект на меѓународното право и геополитичката реалност, го прекинува своето постоење ... На тој начин беше удрен последниот клинец во сандакот на Советскиот Сојуз. Беше означен крајот на социјалистичката империја.

Денес, по толку години, се уште се актуелни настаните од тој период. Навираат сеќавањата на нив, како беа прикажувани во јавноста. Се собрале тројца „заговорници“ и тајно решиле дека треба да се урива Советскиот Сојуз. Или, пак, тројца мажи се распојасале во бања, пијат вотка, разговараат и смислуваат дека нема потреба од СССР. Ваквите искажувања се актуелни до ден денес. Но ако се суди според изјави на  учесниците  во тогашните настани, работите не изгледале така „весели“.

Пред некој ден првиот и последен претседател на СССР, Михаил Горбачов, изјави дека пена му фатила устата зборувајќи дека Советскиот С ојуз треба да опстои, но желбата на поединци да бидат претседатели на свои држави била поголема, отколку да има само една држава. До ден денес Горбачов не е омилен во Русија и го сметаат за главен виновник за распадот на СССР.  И веројатно е виновник, бидејќи на крилата на гласноста и перес тројката не успеа да смогне храброст за вистински реформи и на партијата и на државата. Идејата за Сојузна држава, не се реализира, поради пучот во август 1991, на 8 декември го „снема“ СССР, а на 25 декември тој за последен пат се појави во јавноста со проштално обраќање. Во меѓувреме Елцин го беше „исфрлил“ од Кремљ, симболот на руската власт.

Многумина се согласуваат со ставот на Горбачов за страст на поединци за власт. Но во таа далечна 1991 година Советскиот Сојуз беше во длабока економска криза. Народот имаше пари, но немаше што да купува со нив. Сведоците на тогашната ситуација кажуваат дека редиците пред продавниците биле бесконечни. Дека немало прехранбени стоки, средства за хигиена…Доаѓа зима се јавуваат проблеми со греење…Но не само во Москва или Русија. Туку и во братските републики.

Токму тоа било и поводот, според кажувањето на Шушкевич, за средбата во Беловешката шума. „Да се реши се’ со новите пазарни методи бешекрајно тешко. Нема ни пари, ни кредити, ни доверба кон власта. Поради недовербата не можеме да добиеме кредити. Доаѓа зима, нема со што да се купи гас и нафта, технологиите во земјата трошат многу енергија, а ние се грееме со руска нафта и руски гас. И треба нешто да се направи. И ме посоветуваа да го викнам Елцин на лов, мераклија бил за лов, па да се договориме“ ,изјавува денес Шушкевич и додава дека целта била единствена - да се решат белоруските економски прашања, да се замоли за доставување на повеќе нафта и гас. Но за да не се навреди третата братска република – Украина, која ги имала истите проблеми Шушкевич на лов го кани и тукушто избраниот украински претседател Леонид Кравчук.

Но наместо за економски прашања разговоро ттргнал и во насока на иднината на Советскиот Сојуз.

Многумина сметаат дека Борис Елцин на средбата дошол токму со таа намера. Сергеј Шахрај, кој тогаш беше негов советник, вели дека тој немал никакви сознанија за некаков документ, но не знае дали кај други советници имало. Како и да е,  според него, СССР не се распаднал на 8 декември, туку многу порано, бидејќи до тогаш освен Русија и Казахстан, тринаесет други републики веќе изгласале независност. „ Се констатираше смртта на СССР, и беше потпишан соодветен документ за тоа. Тоа ти е како доктор од брза помош кој одел на повик, и додека дошол, болниот умрел. Во таква ситуација докторот не може да се обвинува за смртта. Но потврда за смртта е потребна, без неа нема погреб, не може да се бара наследство“, го објаснува Шахрај епилогот од Беловешката шума.

Според сведоци главната улога или „церемонијал мајстор“ на средбата бил Борис Елцин, а му помагале тогашниот министер за надворешни работи Андреј Козирев, советникот Генадиј Бурбулис и Егор Гајдар, кои важеа за носители на либералните идеи во Русија во тоа време. И се било во ред до моментот кога некој требало да мусоопшти на Михаил Горбачов дека му ја „умреле“ државата. Според Шушкевич него го убедиле да ѕвони кај Горбачов, а тој со Кравчук, пак,  го убедиле Елцин да му се јави на американскиот претседател Џорџ Буш. И така Шушкевич ѕвони во Москва и мака мачи да му објасни на Горбачов што се случило, а Андреј Козирев ѕвони кај свој познат во кабинетот на Буш, па почнува разговорот меѓу двата претседатела, Козирев преведува…Стенограма од разговорот се чува во „Елцин центарот“.  Борис Елцин му кажува на Буш дека станува збор за голема работа, да се ослободат републиките од тотална контрола на централната власт, “која повеќе од 70 години давала наредби…Господине претседателе, треба да ви кажам во доверба, дека претседателот Горбачов не знае за овие резултати. Се како ние веднаш ќе мусоопштиме за потпишаниот договор“.., му вели Елцин на Буш. Ова не можат да муго простат на Елцин до ден денес. Прво да се јавиш кај најголемиот „непријател“, а дури потоа да го запознаеш својот претседател што си направил. Некои сметаат дека станува збор за класичен државен удар, но СССР тогаш беше во таква состојба што не се знаеше кој вистински раководи, што прави КГБ, што армијата…

Распадот на Советскиотсојуз од народот е прифатен најразлично. Дури и 25 години подоцна анкетите ја покажуваат нерамнодушноста кон тој настан. Во една интернет анкета направена вчера, на прашањето Како се однесувате кон датумот на распадот на СССР пред 25 години 48,4 проценти од учесниците во неа одговориле дека „Се однесуваат спокојно. Историјата е историја. Нешто помалку, 45,9 велат дека „ Се сеќавам и плачам. Во Советскиот Сојуз секогаш имаше ред! Околу четири проценти сметаат дека тој ден треба да се прогласи за државен празник, „Сега живееме многу подобро“. А неполни два проценти за прв пат слушнале за Беловешкиот договор.

Претседателот на Русија Владимир Путин во 2005 година во обраќањето пред Федералното собрание изјави дека „ Пред се, треба да се признае, дека уривањето на Советскиот Сојуз е најгоолема геополитичка катастрофа на векот. За рускиот народ тоа стана вистинска драма“. Многу политичари, па и аналитичари ја користат оваа реченица да го обвинат Путин за неосталинизам или пак за желба за враќање на советската „империја“.

Какбва е судбината на потписниците на договорот и на нивните држави, денес, после 25 години? Бори Елцин е умрен, а замина од власта со „индулгенција“ и нормално дека нема да го чепкаат него и неговото семејство. Русија по долгогодишните шокови на економски,  политички и меѓународен план се претвори во држава со која ќе мора да се разговара. Авторитар на, со не избришани навики од минатото во поглед на корупцијата, човековите права и номенклатурата. Со пазарна економија, но со слабо судство. Со нескриени желби се’уште да биде „постариот“ брат.

Леонид Кравчук е пензинер, поранешен претседател. Некои го сметаат за најдобар од сите украински претседатели во поновата историја, иако му забележуваат дека не успеал да ги направи потребните реформи во државата. Според него, Украина го направила својот избор-европски вредности. Прашање на време е кога тие ќе се стекнат. Има многу пречки на патот. Пред се корупцијата, и различните точки на гледање и разногласијата меѓу политичките лидери. Но, е јасен дека Украинците не сакаат својата политика да ја усогласуваат со Москва. И дека со сила не може да ги натераат неа да ја менуваат. Единствен пат е седнување на масата за преговори и водење дискусија како самостојни независни држави, смета Кравчук. Сето ова е добро, но Украина денес не е Украина од времето на Кравчук. Не станува збор за корупцијата, влијанието на олигарсите, неефикасната администрација. Украина денес е држава која го нема суверенитетот врз целата своја територија и е на патот на уставно преуредување. А во меѓу време го изгуби и Крим.

Белорускиот потписник на договорот Станислав Шушкевич, исто е пензионер, пишува книги..,Вели „Кога се обидовме да градиме ново општество, да ја либерализираме економијата на благо на народот, оние кои умеат да работат по ново, почнаа да зборуваат, еве „дермократија“ (дермо на руски - измет), се’разрушија, беше подобро, дај да се вратиме на старото. И кога вакви пораки стануваат државна пропаганда, платена од парите на тие луѓе кои тоа го слушаат, тогаш лошото од советското многу долго живее во луѓето…Па затоа во луѓето има многу советско – затоа што тие се многу излажани и секојдневно ги лажат со пропагандата, како од нашата, а сега и од руската, вели Шушкевич. Тој смета дека „ако сакате да градите демократско општество, тогаш не отстапувајте од главниот принцип на демократијата – власта на народот. Не ги претворајте изборите во фарса, не создавајте култ на личноста. Дури и Кинезите при владеење на комунистичката партија не му дозволуваат на ниту еден лидер да раководи подолго од 10 години“. Со ова се е речено. Белорусија е едно од последните острова во Европа, „оаза на советизмот“, независно што самата се смета за демократска држава со пазарно стопанство.

И така денес живеат трите држави кои што решија и го урнаа Советскиот Сојуз. Сметаа дека со „шок терапија“ ќе успеат да станат дел од современите општества. Но гледаме дека од различни причини шокот од распадот на СССР бил толку голем што не помага никаква терапија. Старите болести, кај некого повеќе, кај некого помалку, никако да исчезнат. 

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?