ЧЛЕН НА ОДБОРОТ ЗА РЕВИЗИЈА НА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ПОВЕЌЕ НЕМА ДА БИДЕ МАРЈАН АНДОНОВ - ревизијата на банката ќе ја врши Грант Торнтон каде што тој работи
Објавено во: Финансии 03 Септември, 2022
Комерцијална банка ја одбрала компанијата Грант Торнтон за друштво на ревизија на оваа банкарска институција, и од тие причини Марјан Андонов повеќе нема да биде член на Одборот за ревизија на банката, бидејќи тој е овластен ревизор во ревизорското друштво.
За оваа информација извести Комерцијална банка преку ценовно чувствителна информација на Берзата.
„Комерцијална банка АД Скопје на 02.09.2022 година одржа Собрание на акционери на кое акционерите, кои поседуваат 52,5 отсто од акциите со право на глас, донесоа Одлука со која Друштвото за ревизија Грант Торнтон ДОО Скопје се определува за друштво за ревизија на годишните финансиски извештаи на Комерцијална банка АД Скопје за периодот 2022 – 2026 година.
Истовремено, Банката известува дека Марјан Андонов, Член на
Одборот за ревизија на Комерцијална банка АД Скопје, поднесе оставка
од функцијата, поради постоење судир на интереси, односно неспоивост
на вршењето на функцијата - Член на Одбор за ревизија на
Комерцијална банка АД Скопје и функцијата - Партнер и овластен
Ревизор во Грант Торнтон ДОО Скопје“, се вели во објавата на Комерцијална банка посветена на инвеститорската јавност.