Ципрас доби нови гласови за Преспанскиот договор, протестите ќе се разгоруваат
Објавено во: Македонија 21 Јануари, 2019
Додека протестите во Атина и другите градови во Грција се разгоруваат, грчкиот премиер Алексис Ципрас доби уште еден добредојден глас за ратификација на Преспанскиот договор, овој пат од Танасис Теохаропилос, пратеник и лидер на партијата Демократска Левица, пред клучната недела во грчкиот парламент.
Неговата партија вчера го напушти Движењето за промени КИНАЛ, предводено од Фофи Генимата во чии рамки не се одобруваше прифаќањето на Преспанскиот договор.
- Господинот Теохаропулос реши да му служи на господинот Ципрас, а не на нашите ставови и принципи и затоа е исклучен од парламентарната група - гласеше краткото соопштение на КИНАЛ.
Претходно, Демократска Левица потврди дека излегува од Движењето за промени и дека „нејзиното однесување кореспондира само на националните интереси и дека прогресивните граѓани кои гравитираат кон политичкиот центар на крајот ќе судат“.
Кон Ципрас се придружуваат и останатите пратеници на „Река“ - Ставрос Теодоракис, Спирос Ликудис и Јорго Мавротас. Засега тоа би биле 153 гласа од вкупно 300 во грчкиот парламент.
Истовремено, протестите се очекува да стануваат се помасовни на плоштадот Синтагма, Организаторот вели дека со помош на црквата и социјалните мрежи зенитот би бил 600.000 учесници.